ЛОНДОН ЈА ВРАЌА МОЌТА: Што го прави толку привлечен за странските инвеститори?
Објавено во: Економија 23 Август, 2018
Дури ниту Брегзит не може да ја намали атрактивноста на бизнис имотите во Лондон, кој си го поврати статусот на топ дестинација за меѓународни инвеститори, соопштува Bloomberg.
Странските купувачи, на чело со милијардери од Хонгконг и корејски инвестициски компании вложиле повеќе средства во канцеларии во британската престолнина во првото полугодие, отколку во централниот дел на Париз, Менхетн, Минхен и Франкфурт земени заедно. Слабата фунта ги претвора бизнис имотите во Лондон во подобра зделка во споредба со градови во Европа, од кои многу преживеаја имотен бум.
Тоа , заедно со капитали, кои доаѓаат од Азија, и помогна на британската престолнина да ја зајакне својата позиција како водечки град за инвестиции во недвижности од страна на странци. Тоа е една од ретките позитивни работи во тековниот процес на излез на Британија од ЕУ, при што инвестициите почнаа да се намалуваат, а економскиот раст се забави поради зголемената опасност од напуштање на Унијата без договор.
Странските инвеститори вложиле 5,6 милијарди фунти (7,2 милијарди долари) во канцеларии во Лондон во шесте месеци до јуни, покажуваат податоците на Knight Frank.
Купувачите биле, исто така, поттикнати од постојаната побарувачка за канцелариски простор во градот и релативно малото снабдување.
Најголемите зделки во Лондон оваа година се купување за 1 милијарда фунти (900 милиони евра) на зградата 5 Broadgate каде е сместено седиштето на UBS Group, од хонконгската компанија CK Asset Holdings, како и договорот за 650 милиони фунти (585 милиони евра) за купување на Ropemaker Place од сингапурската компанија Ho Bee Land, покажуваат податоците на Knight Frank.