14 Мај, 2024
0.0286

Интервју со Гоце Пешев, Извршен директор на Асоцијацијата за метална и електро индустрија (МАМЕИ)

Macedonia Manufacturing Expo ги спојува домашните и странските компании и гради мостови за соработка

Објавено во: Мои пари 20 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Македонската Aсоцијација на Mетална и Eлектро Индустрија – МАМЕИ чија цел е обединување на компаниите од овие сектори и овозможување поддршка за побрз раст и развој, во септември ќе го организира второто издание на Macedonia Manufacturing Expo, бизнис настан за спојување на локалните, домашни компании и потенцијални партнери од странските пазари. Поттикната од потребата на македонските компании од вмрежување, контакти и директни бизнис средби со компании во оваа индустрија, првото издание на Macedonia Manufacturing Expo само уште повеќе ги откри растечките потенцијали на металната и електро индустријата во земјава. Второто издание цели повисоко во создавање цврсти бизнис релации и можности за соработка. За она што ќе понуди Macedonia Manufacturing Expo разговараме со Гоце Пешев, Извршен директор на Асоцијацијата за метална и електро индустрија (МАМЕИ).

-Металната и електроиндустријата се едни од поразвиените индустриски гранки во Македонија, со големо учество во индустриското производство и извозот и со значителен придонес во вкупниот БДП на државата. Зошто беше потребно формирање на Асоцијацијата за метална и електро индустрија (МАМЕИ)?

* МАМЕИ е формирана во 2014 година на иницијатива на неколку компании, лидери во своите сектори во Македонија со едноставна цел - обединување на компаниите од металната и електро индустрија и зголемување на меѓусебната соработка на повеќе полиња. Видете, Македонија е мала земја, има одредени ограничувања во деловното опкружување на компаниите (ограничен домашен пазар, недостаток на одредени ресурси, потреба од градење на нови кадри за индустријата и слично). Ако сакаме како земја и како индустрија да одиме напред, мора да бидеме фокусирани кон извозни пазари, наоѓање нови клиенти и производство со додадена вредност. Сето тоа е можно, но потребни се големи напори и ресурси (финансиски, човечки, know-how и слично), кои компаниите во Македонија не секогаш ги имаат на располагање, или пак се лимитирани кога поединечно преземаат активности. Но кога здружено неколку компании ќе настапат на некој бизнис настан надвор, на одреден саем, кога ќе се претстават пред потенцијалните купувачи од надвор, кога ќе покажат дека имаат поддршка и од други сродни компании-соработници, тогаш и перцепцијата е поинаква. Ова мислам дека најубаво ја отсликува причината за формирање на МАМЕИ.


-МАМЕИ постои од 2014 година. Кои се позначајните активности на Асоцијацијата до сега и какви резултати се постигнати во изминатиов период?

*МАМЕИ во изминатите 4 години најмногу беше фокусирана на поддршка на компаниите во Македонија да дојдат до нови потенцијални клиенти и нови извозни договори (со компании од надвор, но и со дел од странските инвеститори во Македонија). За да може да понудиме на компаниите од другите земји информации за добавувачи од Македонија, најпрво направивме мапирање на индустријата и направивме дата база на преку 180 компании од овие сектори во Македонија. Посетивме преку 100 компании, се запознавме со нивните можности и потенцијал, ги дознавме нивните потреби. Оваа активност за квалитетно познавање на индустријата ни овозможува брзо и ефективно да ги споиме барањата на купувачите со соодветни домашни производители. Исто така, организиравме и помогнавме во организација на неколку домашни и странски бизнис настани каде Македонските компании имаа можност да стапат во контакт, а некои и да започнат бизнис односи со странски клиенти. За наредната година имаме уште поголеми планови и планирани активности кои се однесуваат на поддршка на нашите компании- членови на МАМЕИ.

Сепак, како најзначајна активност е организацијата на бизнис настанот Macedonia Manufacturing Expo во 2016 како прв настан во земјата за спојување на барањата на купувачи од надвор со домашните компании преку директни однапред договорени бизнис средби. Оваа година на 18ти септември ќе го организираме второто издание на овој настан, а потврда за квалитетот на настанот и бизнис средбите добивме од компаниите од странство, кои по вторпат ќе учествуваат со желба да запознаат нови производители од Македонија.

-Оваа индустрија е особено интересна за странските компании кои инвестираа во Македонија во слободните индустриски зони. Дали е задоволително нивото на досегашната соработка на овие странски  компании со домашните производители?

*Како и во секоја индустрија, потребно е одредено време за да се запознаат компаниите меѓусебно и да се креира соработка базирана на доверба. Во последните години се зголеми бројот на странски инвеститори во Македонија, а секако дека и се зголемува соработката со домашните производители. Сепак, потенцијалот за меѓусебна соработка е многу поголем од моменталната состојба и тоа е една од причините зошто го организираме бизнис настанот Macedonia Manufacturing Expo. Сметаме дека има недоволен проток на информации, како и недостаток на познавање на потребите на странските компании од една страна и можностите и капацитетите на домашните компании од друга. Затоа ние преку директни однапред договорени бизнис средби сакаме да го премостиме овој јаз и да им овозможиме на компаниите меѓусебно запознавање и зголемување на можностите за соработка.

-Во септември ќе организирате нова конференција - Macedonia Manufacturing Expo. На претходната, во 2016 година, имавте учество на преку 70 домашни и странски компании и организиравте 170 состаноци B2B. Дали сето тоа вроди со плод?

*Секако дека се постигнаа значителни резултати уште од првото издание на Macedonia Manufacturing Expo. Тоа може да се согледа и измери на неколку нивоа. Прво, самата можност 50 македонски компании да се запознаат со нови потенцијални клиенти од други земји, а сето тоа да се одвива во Македонија, е огромен резултат. Најчесто за да се сретнеш со нов потенцијален клиент треба да излезеш надвор од Македонија, а тоа подразбира и одредени финансиски издатоци и секако многу среќа и знаење. Понатаму, оваа индустрија е доста специфична во однос на времето потребно да од иницијален контакт се дојде до конкретна и долгорочна соработка, понекогаш може да помине и повеќе од 1 година. Ние следиме неколку компании кои учествуваа на настанот, а кои и после 2 години се уште извезуваат производи за купувачи кои ги запознаа на настанот. А секако за нас најголем резултат е квалитетот на самите бизнис средби, заради кои компании како Сименс повторно ќе учествуваат оваа година.


- За годинава најавувате уште повеќе учесници. Колку за тоа ќе придонесе оствареното партнерство со Германската асоцијација за менаџирање, набавување и логистика на ланци на добавување (BME)?

*За да можеме да го подигнеме квалитетот на овој бизнис настан на уште повисоко ниво, потребни се партнерства со организации од други земји за да може да привлечеме уште поголем број компании-купувачи. Нашата цел е секоја година да го зголемуваме бројот на партнерства и со тоа да го зголемуваме и бројот на компании и квалитетот на овие компании. БМЕ е најголемата Германска организација специјализирана за набавки, логистика и ланци на добавување и меѓу нејзините членки се најголемите компании од Германија. После 2 години лобирање, договарање и промоција на Македонија, благодарение на поддршката од главниот партнер на овој бизнис настан-  Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, успеавме да договориме конкретно партнерство со БМЕ. Нивната улога е повеќекратна: да го промовираат овој бизнис настан во Германија и да фасилитираат учество на Германски компании- купувачи, да споделат искуство и  да ги обучат македонските компании како се настапува на пазарот во Германија, како се започнува и одржува бизнис релација со компаниите од таму, но најважното од се е што со овој настан започнуваме една подолгорочна стратешка соработка со организација од најголемиот извозен пазар за Македонија. Тука сакам да се заблагодарам и на останатите поддржувачи на овој настан, како Амбасадата на Холандија во Македонија, Министерството за економија, Преда Плус, АСИПИРМ и ТИРЗ.

-Во која насока ќе се одвиваат идните активности на МАМЕИ?

*МАМЕИ има големи планови за наредните години. Со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем креираме нови услуги за компаниите кои се наши членови, сакаме да работиме уште повеќе на извозна промоција на Македонија, но и да помогнеме во делот на развој на нова и квалификувана работна сила, нешто што станува голем предизвик за оваа индустрија. Исто така, почнувајќи од бизнис настанот во септември, стартуваме и со стратешка соработка со Делегацијата на германското стопанство во Македонија (АХК), соработка преку која верувам дека ќе организираме уште поквалитетен Macedonia Manufacturing Expo во 2019. За сите новости компаниите може да се информираат на www.mamei.mk


Можеби ќе ве интересира

Конференцијата за недвижности во Скопје: За кого е наменета и зошто треба да ја посетите?

Конференцијата за недвижности во Скопје: За кого е наменета и зошто треба да ја посетите?

Каратистите на „Макпетрол“ ќе учествуваат на светската младинска лига во Шпанија

Каратистите на „Макпетрол“ ќе учествуваат на светската младинска лига во Шпанија

Групацијата БАЛФИН го објавува ООП Извештајот за 2023 година: „Фондацијата Мане“ обезбедува поддршка за 37 илјади луѓе преку 50 социјални проекти

Групацијата БАЛФИН го објавува ООП Извештајот за 2023 година: „Фондацијата Мане“ обезбедува поддршка за 37 илјади луѓе преку 50 социјални проекти

Škoda Octavia: Освежување на бестселерот

Škoda Octavia: Освежување на бестселерот

Дали вредноста на еден семеен ручек е поважна од осигурување на домот?

Дали вредноста на еден семеен ручек е поважна од осигурување на домот?

Фестивал на уникатни домашни производи во Diamond Mall

Фестивал на уникатни домашни производи во Diamond Mall

Лесја Украинка: Децата на украинскиот Харкив страдаат од секојдневни гранатирања со руски бомби

Лесја Украинка: Децата на украинскиот Харкив страдаат од секојдневни гранатирања со руски бомби

Празничен продолжен викенд во Крушево

Празничен продолжен викенд во Крушево

Нов “дијамант” на македонската кошарка

Нов “дијамант” на македонската кошарка