Македонската месна индустрија врти 140 милиони евра! Кое се најголеми производители на сувомесно и конзервирано месо?
Објавено во: Економија 09 Септември, 2020
Најбрзо растечка месна преработувачка компанија е Тиамо. Од најголемите раст на профитите имаат: Римес, Екстра Меин, МИП Марфил и Екстра Меин. Најголеми на нашиот пазар и лани се: Пекабеско, МИК Свети Николе и кумановски Екстра Меин
Македонската месна индустрија има 46 активни компании регистрирани за дејноста преработка и конзервирање месо. Дел од нашата секојдневна исхрана се сувомесните преработки и конзервите со месни продукти. Иако сме увозно зависни и тоа во најголема мерка од силната српска месна индустрија сепак во Македонија лани 46 домашни компании направиле приход поголем од 140 милиони евра од продажба на месни преработки и конзервирано месо.
Бизнисот на најголемите од домашните месни компании лани бележи умерен раст во споредба со претходната 2018 година.
Скопски Пекабеско е убедливо најголема домашна компанија, која меѓудругото, е регистрирана и за преработка и конзервирање месо. Ова друштво , во кое доминантен акционер е Слободан Кутревски, лани остварило приход од 82 милиони евра што е за 5 отсто подобар резултат во споредба со претходната година. Добивката на „Пекабеско“ лани е за 8 отсто послаба од 2018 година и изнесува 1,8 милиони евра. На профит отпаѓаат само 2,2 отсто од приходите на друштвото.
Втора најголема и воедно најстара домашна индустрија за месни преработки и конзервирање е светиниколската компанија МИК. Произлезена од потребите за поранешната „наменска“ индустрија (читај за потребите на Југословенската народна армија ЈНА н.з.) ова друштво по приватизацијата успешно опстојува и работи пред се за потребите на македонскиот пазар. Лани МИК остварил приход од 14,1 милиони евра што е на исто ниво како во 2018 година. Добивката на МИК лани е 61.000 евра и е за 9 отсто подобра од претходата година. Профитот во приходите учествува со помалку од 1 отсто. МИК е во сопственост на седумина домашни физички лица и на една домашна компанија – СИИВА ДОО.
Во групата на најголеми домашни преработувачи и конзерватори на месо е кумановската индустрија Екстра Меин. Воедно таа е третата со приход поголем од десет милиони евра (заедно со претходните две компании). Лани ова друштво сопственост на Благоја Бајдевски оствари приход од 11 милиони евра што е за 8 отсто подобар резултат од претходната година. Добивката на Екстра Меин лани изнесува 952.000 евра и по тој параметар е најпрофитабилна месна индустрија (учество на профит во приходите). Добивката на Екстра Меин лани е за 12 отсто повисока од 2018 година.
Следува група на компании кои имаат приходи повисоки од два милиони евра, а пониски од десет милиони евра.
Од нив најголем приход лани имала скопската индустрија Римес МС Груп со реализација од 8,9 милиони евра. Ова друштво во кое сопственици се Стерија и Марјан Михајлови и Серта Компани на Ристо Михајлов лани има приход од 8,9 милиони евра што е за 16 отсто подобар резултат од 2018 година. Добивката на друштвото лани е само 34.000 евра.
Скопска Солета, семејна компанија на Ивана, Светозар и Ненад Илијоски лани оствари приход од 4,4милиони евра и забележа раст на приходите за 5 отсто. Добивката лани беше 34 отсто пониска и изнесуваше 76.000 евра.
Фиса Комерц е скопска компанија регистрирана за преработка и конзервирање месо која лани остварила приход од 3,4 милиони евра и тоа е за 23 отсто подобар резултат од претходната година. Профитот лани изнесува 131.000 евра и бележи раст од 48 отсто во однос на 2018 година.
Тиамо е компанија за преработка од скопско Глумово сопственост на Абдула и Хајрун Сулејмани. Ова друштво лани е со профит од 161.000 евра што е за шест пати подобар резултат од претходната година. Приходот пак е поголем за 70 отсто од 2018 година и изнесува 2,4 милиони евра. По двата критериуми ова е најбрзо растечка компанија лани на нашиот пазар на месни преработки и конзервирање.
МИС Глобус од Скопје и МИП Марфил од Прилеп лани оствариле приходи од по 2,1 милиони евра. Добивката на скопското друштво сопственост на семејството Трајковски е 3.500 евра. Прилепската семејна компанија на Алберто и Звонко Георгиевски лани има добивка од 238.000 евра.
Р.Ф.