Маринов: На некој начин Гоце Делчев е и на Бугарија и на Македонија
Објавено во: Македонија 16 Јуни, 2019
Јас мислам дека на некој начин Гоце Делчев е и на Бугарија и на Македонија, но секако тоа се прашања коишто би требало на некаков објективен начин и без националистички каузи да се дискутира, да се дебатира меѓу историчарите, изјави бугарскиот историчар Чавдар Маринов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Вели дека за жал многу често историчарите се ангажирани со некои националистички каузи коишто секако не дозволуваат еден објективен пристап спрема вакви историски прашања како што е да речеме идентитетите во Македонија пред еден век.
„На некој начин мислам дека тоа се прашања коишто немаат конечен одговор. Тие секогаш ќе бидат предмет на некаква дебата која треба да се води спокојно, без навреди и во рамките на еден дијалог без националистички цели. За жал, она што го гледаме денес е токму спротивното, барем од бугарска страна гледаме една многу јасна националистичка ангажираност на историчарите“, вели Маринов.
Тој не е дел од мешовитата експертска комисија за историја која разговара за овие теми.