Добивај вести на Viber
Ако не се направат сериозни реформи и забрза економскиот раст, Русија ќе тргне кон амбис, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев. Како што пренесоа руските медиуми, земјата се наоѓа на крстопат.
„Русија може да продолжи понатаму со овој бавен раст, кој е блиску до нула или може да зачекори напред и покрај сите ризици. Времето на едноставни одлуки помина, не смееме да ги потценуваме економските предизвици“, изјави премиерот.
Според Медведев, економските прогнози за Русија се доста песимистички, како поради надворешните фактори, така и поради нерешени домачни проблеми. Медведев смета дека немаат голем избор, или ќе преземат ризик или ќе тргнат кон амбис.
Земјата мора да ги охрабри приватните стопанственици, вели Медведев, пред се во иновациите, да ја унапреди продуктивноста на работниците и да обезбеди квалитетно управување во сите сектори.
„Одбраната на приватната сопственост и конкуренцијата остануваат наши политички приоритети“, вели рускиот премиер.