Меркел: Ќе ја заложам сета своја политичка тежина за Северна Македонија
Објавено во: Македонија 21 Јуни, 2019
Првиот човек на германската влада, Ангела Меркел, денеска од лидерскиот самит на ЕУ во Брисел порача дека ќе го вложи целиот свој политички авторитет за Северна Македонија да добие датум за преговори со унијата до октомври.
Според германската канцеларка, станува збор за многу кратко време за кое земјата треба да покаже трпение, јави дописничката на МИА од Брисел, откако беше запрашана дали може на некој начин да даде гаранција дека одлуката нема повторно да биде одложена.
„Ќе направам сѐ што можам за да се донесе таа позитивна одлука затоа што Северна Македонија направи примерна работа со Преспанскиот договор, одлична работа, и разговаравме за ова вчера. Станува збор за неколку недели, навистина, но нашата заложба стои и што се однесува до мене ќе ја заложам сета своја политичка тежина за ова“, одговори Меркел на новинарско прашање.
Меркел додаде дека лидерите на ЕУ вчера разговарале за Северна Македонија на почетокот на лидерскиот самит, откако на почетокот од неделата на министерскиот совет беше со консензус одлучено дека за доделувањето на датум за преговори за Македонија ќе има навраќање во октомври.