Мицкоски: Над 90 отсто од тие коишто не се изјасниле се дел од македонскиот народ
Објавено во: Македонија 30 Март, 2022
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа ТВ, изјави дека овој попис е нецелосен и по промената на власта ќе направат нова статистичка операција која ќе биде реална и ќе биде спроведена по електронски пат.
Вели дека уште во старт имале низа забелешки за пописот.
„Заклучокот што можеме да го кажеме, покрај фактот дека тој е некомплетен, е дека огромно мнозинство, над 90 отсто, од тие коишто не се изјасниле се дел од македонскиот народ според општините во кои тие се наоѓаат. На прес-конференцијата порачавме дека по промената на власта, ќе имаме вистинска статистичка операција, електронски попис кој ќе даде јасна слика за бројот на резидентно население во Македонија“, изјави Мицкоски.
Македонија, според Мицкоски има пад за повеќе од 10 отсто на бројот на резидентно население во споредба со последниот попис.
Државниот завод за статистика ги објави резултатите од националниот попис во 2021.
Во Македонија живеат 1.073.299 Македонци или 58,44 проценти, 446.245 Албанци или 24,3 отсто, 70.961 Турци (3,86%), 46.433 Роми (2,53%), 23.847 Срби (1,30 %), 16.042 Бошњаци (0,87), 8.714 Власи (0,47) и 18.912 останати (1,03) како резидентно население. 132.260-мина не се попишале, а тоа се 7,2 отсто граѓани.