Мицотакис ги соопшти „црвените линии“, за нив сите критериуми се важни
Објавено во: Балкан 10 Јануари, 2018
Грчката опозициска партија Нова демократија ги соопшти своите „црвени линии“.
Тоа се сложено име со географска одредница, име за сите и за севкупна употреба (ерга омнес) и откажување од секакви иредентистички изјави или пракси од страна на Скопје.
Лидерот Кирјакос Мицотакис, според грчката новинска агенција АНА-МПА, ги претставил „црвените линии“ на партијата и рекол дека Нова демократија нема да прифати решение само за името, доколку не се исполнат и другите критериуми.
Во однос на откажувањето од иредентизмот, објаснил дека тоа може да се случи само преку билатерален договор, а пакетот договор за името, според Мицотакис, треба да биде усвоен од ОН.
За македонската влада, Кирјакос Мицотакис, објасни дека треба во пракса да покаже дека ја почитува чувствителноста на грчкиот народ во однос на историјата, но и да покаже дека има капацитет во внатрешноста на земјата да наметне едно заемно прифатливо решение. За грчката влада, пак, рече дека не крие дека нема никаква доверба.