Мицотакис има три предуслови за решавање на името
Објавено во: Балкан 12 Април, 2018
Според лидерот на грчка опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис Уставна ревизија, справување со иредентизмот и прашањата поврзани со идентитетот, се предусловите за постигнување договор.
На денешната средба и прес-конференција со странските дописници во Грција, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, Мицотакис ги повтори неговите позиции и упати остри критики со грчката Влада дека нема единствена и заедничка позиција поради ставот на Панос Каменос. Тој вели дека јавно ја има поставено рамката за еден можен договор.
„Се однесува на уставна ревизија како неопходен предуслов за да постои каков било договор, справување со прашањата со иредентизмот и националниот идентитет, како неопходен услов за да постои договор и да започне интегративниот процес на Скопје во евро-атлантските институции. Ова е мојата позиција што е многу јасна“ – рече Мицотакис.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија во минатото изјави дека сега не е моментот за решавање на проблемот, па токму тоа беше и едниот дел од прашањето на МИА, дали во моментите додека шефовите на двете дипломатии разговараат во Охрид, Мицотакис смета дека можеби решението треба да се остави за некој друг момент. Претседателот на Нова демократија, објасни дека неговата изјава за временскиот период се однесувала на целосно погрешниот начин со кој Владата во Грција управувала со прашањето во однос на грчкото јавно мислење.