Добивај вести на Viber
Директорот на тајната полиција Сашо Мијалков побарал да се се ажурираат податоците од анкетниот лист. Управата за јавни приходи, според соопштението од Ѓорги Сламков, претседателот на државната Комисија за спречување на корупцијата, ќе го проверува потеклото на имотот и на Мијалков, и на пратеничката Радмила Шеќеринска.
Сламков вели, Комисијата работи неселективно и постапува еднакво кон сите граѓани.
Во писмото кое Мијалков го прати до Државната комисија за спречување корупција, информира за промената на податоците за имотната состојба од анкетните листови. Мијалков смета дека имало неколку пропусти. Освен што комисијата не го ажурирала податокот кој им го доставил уште во 2011 година за продажба на удел во фирмата во Прага, не бил внесен основачкиот влог во друга фирма во Чешка, но поради тоа што влогот не го надминувал законскиот лимит од 20 просечни плати над кој пријавувањето на имотот станува задолжително.
Според Мијалков била направена грешка и во делот на податоците за семеен накит и уметнички слики каде, при префрлањето на сумите од евра во денари по грешка била ставена една нула.
По ова се јави и СДСМ. Oд партијата велат дека Мијалков го признал тоа што го тврделe oд СДСМ.
„После канонадата напади, навреди и закани, Сашо Мијалков мораше да признае дека постојат сериозни разлики од имотот што го поседува, до оној што го пријавил во неговиот анкетен лист.
Сега на потег е Државната Комисија за спречување корупција да одлучи: Дали ќе биде алиби и ќе се стави во улога на прикривач на имотната состојба и на Сашо Мијалков, или ќе го санкционира криењето на имотот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање“, стои во партиската реакција.
Проблемот се актуелизираше во јавноста откако пратеничката од СДСМ Радмила Шеќеринска запраша како е можно државен функционер за 5 години да се збогати за 1,6 милиони евра, а недоследности посочи таа има и во бројот на фирмите кои Мијалков ги наведува во анкетните листови.
На ова со врати владејачката ВМРО ДПМНЕ, од каде прашуваа колку станови поседува Шеќеринска.