МИСТЕРИОЗНА ПОСЕТА: Ким пристигнал со воз во Кина?
Објавено во: Свет 27 Март, 2018
Во Пекинг денеска пристигнал специјален воз од Северна Кореја, проследен од невообичаено силни мерки за безбедност.
Mедиумите шпекулираат дека со него пристигнала висока државна делегација, најверојатно лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун.
Пред возот да ја помине кинеската граница се забележани големи безбедносни мерки на подрачјето на Мостот на пријателството, кој ги спојува двете држави. Јапонската телевизија "NTV" известува дека станува збор за жолто-зелен воз, со многу слична композиција со која таткото на Ким, во 2011 година пристигнал во својата последна официјална посета на Кина.
Сепак, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи изјавила дека нема никакви информации за возот и дека не може да даде никаков коментар.
Сегашниот севернокорејски лидер веројатно патува со еден од возовите на неговиот татко, кои се опремени со засилен безбедносен оклоп, сателитски телефони, телевизори, конференциски сали и спални соби. Овие возови се движат со максимална брзина од 60 километри на час.