ММА борецот бил изрешетан поради долгови
Објавено во: Балкан 01 Мај, 2018
Владимир Јовановиќ – Марадона, ММА борец од Србија, беше изрешетан вчера околу 7.30 часот пред градинка во Панчево, каде претходно го оставил своето дете. Според српските медиуми, тој се наоѓа во стабилна состојба иако бил погоден со пет куршуми.
Како што раскажале очевидците, додека Јовановиќ одел кон својот автомобил, од возило кое минувало излегол напаѓачот со качулка на главата и кон него испукал повеќе куршуми. Јовановиќ успеал да се сокрие зад еден бел „Форд“ автомобил кој бил паркиран во близина, а на кој сѐ уште стојат трагите од крвта на застреланиот Владимир.
Според информациите од српските медиуми, Владо Марадона, како што бил познат во неговиот роден крај, се бавел со лихварење, па најверојатно причината за овој напад е голем паричен долг. Тој неодамна отворил и менувачница во близина на автобуската станица во Панчево, а и претходно на неколку пати бил приведуван во полиција за повеќе прекршоци.