Могерини даде одговор кога Албанија, Србија и Македонија ќе влезат во ЕУ
Објавено во: Балкан 12 Мај, 2017
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, за италијанскиот весник ,Ла Стампа“ изјави дека резултатите од претседателските избори во Франција покажаа дека ЕУ е жива и понатаму ќе се проширува.
Таа потсетува дека Велика Британија до 2019 треба да ја напушти Унијата, по што сигурно нема да се ограничи членството на 27 земји, бидејќи Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија се кандидати за ЕУ.
„Сигурна сум дека нема да се ограничи на 27 земји и сигурна сум дека по Брегзит ќе имаме нови членки. Мислам дека тоа ќе бидат земјите од Балканот. Многумина овој процес го нарекуваат проширување, но јас сакам да го гледам како реобединување“- изјави Могерини.
Таа вели дека патот што треба да го поминат овие земји кон ЕУ е долг и тежок, но дека е сигурна дека тие ќе продолжат по тој пат.
Могерини рече дека благодарение на односите на секоја земја од Западен Балкан во ЕУ до голема мера се излекувани раните од војните пред 20 години.