МУЦУНСКИ ИЗБРАН ЗА МЛАД ГЛОБАЛЕН ЛИДЕР: Еве што вели тој за изборот

Објавено во: Македонија 15 Април, 2025 10:42
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, е избран за Млад глобален лидер (Young Global Leader – YGL) на Светскиот економски форум (World Economic Forum – WEF) за 2025 година. Ова престижно признание се доделува на исклучителни личности под 40 години кои демонстрирале извонредни лидерски способности и силна посветеност кон подобрување на состојбите во светот, соопшти Министерот за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНД).
Форумот на млади глобални лидери претставува заедница посветена на обликување одговорни лидери кои активно придонесуваат за подобрување на глобалните околности. Секоја година, Светскиот економски форум, преку селекциски процес кој вклучува одлука на специјализирана комисија и консултации со бројни експерти, избира група од приближно 100 лидери под 40 години од целиот свет (од кои 10 се од Европа) кои го добиваат ова признание.
Самиот процес на избор вклучува строга селекција што ги зема предвид личните и професионалните достигнувања на кандидатите, како и нивната етичка посветеност и интегритет во работењето.
- Изборот на министерот Муцунски во оваа престижна заедница претставува признание за неговите напори и постигнувања во областа на дипломатијата и меѓународните односи. Како министер за надворешни работи и надворешна трговија, тој игра значајна улога во промоцијата на европските вредности, регионалната соработка, човековите права и доброто владеење, наведуваат од МНРНД.
„Ми претставува особена чест што сум избран за еден од Младите глобални лидери за 2025 година од страна на Светскиот економски форум. Да се биде препознаен како дел од успешна група лидери под 40 години – кои доаѓаат од политиката, економијата, академската заедница и граѓанското општество од целиот свет – претставува исклучителна привилегија, но и голема одговорност. Во време на глобални предизвици и динамични трансформации, лидерството мора да се темели на визија, интегритет, емпатија и посветеност кон долгорочни и одржливи решенија. Особено се радувам што ќе станам дел од оваа извонредна заедница на креатори на промени – заедно да учиме и да создаваме, со цел да изградиме поправеден и поотпорен свет“, истакна министерот Муцунски во својата видео-објава на социјалните мрежи.
Алумни-членови на оваа престижна група вклучуваат истакнати личности како што се Марк Закерберг – основач и извршен директор на Facebook, Емануел Макрон – претседател на Франција, Питер Тил – коосновач на PayPal и водечки инвеститор, Нико Розберг – поранешен шампион во Формула 1, Александар Стуб – претседател на Финска и Александар Де Кроо – поранешен премиер на Белгија.
Ова признание ја става нашата земја на мапата на глобалното лидерство и ја нагласува посветеноста на државата на развој, иновации и меѓународна соработка, се посочува во соопштението од МНРНД.
Можеби ќе ве интересира
Синдикатот на културата утре ќе носи одлука да почне процедура за штрајк

МАЈКАТА ПРИЈАВИЛА ВО ПОЛИЦИЈА: Исчезна девојче од Јурумлери

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Сопственикот на Пуцко Петрол, Јахоски останува во притвор и покрај понудената гаранција

ИМА НОВА ПРЕСМЕТКА: Љутков кажа кога вработените во култура ќе добијат плата

ТЕКСТОТ ТРЕБА ДА БИДЕ НА ТРИ ЈАЗИЦИ: Собранието наскоро ќе има ново лого

КРАЖБА ВО ДОМОТ НА ФАТМИР БИТИЌИ: Тој потврди дека е одземен сеф

ЈАХОСКИ ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР: Две милиони евра не беа доволни за да излезе од Шутка

ГРАЃАНИ И ФИРМИ, ВНИМАВАЈТЕ КОГА ВЕ ВИКААТ ЗА НАВОДНА ИСТРАГА, ИМА МНОГУ ЛАЖНИ ПОКАНИ - најново предупредување за измами од МВР

РЕК Битола се справува со лебдечката пепел, ќе вклучи и водени топови
