12 Мај, 2025
0.0318

Довербата кон Путин не опаѓа

Објавено во: Колумни 21 Април, 2025 09:03

Добивај вести на Viber

Триесет часовното примирје за Велигденските празници во Украина заврши. Имаше ретки инциденти, но главно се почитуваше. Немаше тревоги за воздушни напади. Тоа го признаваат сите. Дури и на фронтот, каде што секојдневно се водеа борби. Во Одеса беа отворени плажите. Но, примирјето заврши. Работите ќе се враќаат во „нормала“. Неколку часа пред крајот на примирјето украинскиот претседател Владимир Зеленски и предложи на Русија нов формат на примирје. Да се забранат удари со дронови со далечен дострел и ракети. Во саботата, откако рускиот претседател Владимир Путин објави временски ограничено примирје, Зеленски тогаш предложи да се воспостави режим на тишина веднаш по Велигден. И тоа 30 денови. Сега неговиот предлог  е намален до мораториум  на удари со оружје од долг дострел. 

Неделава во Лондон треба да се одржи втората средба меѓу САД, Европа и Украина. Тема мирот во таа земја. Во очекување на резултатот од неа средбата еве една тема која дава погледи кон денешната руска актуелност. Големата доверба кон претседателот Путин, но и промените во медиумската сфера, која посредно или директно е поврзана со пропагандата. Кон крајот на март и пред некој ден рускиот истражувачки „Левада – центар“, излезе со две анкети. Една за состојбите во државата и довербата кон политичарите, а друга за  изворите на информации, умореност од вести и популарни новинари и блогери. „Левада –центарот“ е независна истражувачка организација. Од страна на власта е прогласена за „странски агент“. Па, секоја негова публикација мора да биде проследено со објаснување: „Овој материјал(информација) е произведен и распространет од странскиот агент АНО „Левада –центар“, или се однесува на дејноста на странскиот агент АНО „Левада – центар“. 18+.“ Анкетите се направени на терен со интервјуа со испитаниците.

Според истражувачите  Во март 2025 година, расположението на Русите малку се подобрило, испитаниците, претежно, велат дека се во нормална состојба. Мнозинството испитаници веруваат дека работите во земјата одат во вистинската насока, а нивниот удел се зголемува од крајот на минатата година. Преовладуваат позитивни оценки за клучните државни институции, а нивото на одобрување на премиерот и владата продолжува непречено да расте. Тројцата политичари кои уживаат најголема доверба меѓу испитаниците (според отворено прашање) не се промениле. Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и премиерот Михаил Мишустин се првата тројка на популарноста. 

ОДОБРУВАЊЕ

Во март годинава расположението е подобрено кај речиси две третини(65 проценти) од испитаниците, 18 проценти чувствуваат напнатост, раздразнетост, страв, а 17 проценти се прекрасно настроени. Интересно е што почесто, прекрасно се настроени мажите. И тоа оние до 24 години. Во оваа група се и оние, кои можат да си обезбедат потрајни производи, оние кои сметаат дека работите во земјата одат во вистинска насока, оние кои ја одобруваат работата на Путин и испитаниците кои зборуваат за подобрување на нивниот живот и животот на нивните семејства во минатата година, дури 35 проценти. Ова како да се два екстрема со речиси ист процент напнати, раздразнети од една, и прекрасно настроени од друга страна. И сето тоа во време на војна. Во категоријата испитаници кои чувствуваат страв, напнатост и раздразнетост, доминираат жените, возрасните над 55 години, сиромашните и оние кои сметаат дека земјата оди во погрешна насока и кои не ја одобруваат работата на Путин и чиј живот лани се влошил. Оние чија состојба е нормална се главно повозрасни или кои даваат поддршка на работата на Путин и чиј живот лани бил без промени.

Одобрувањето на работата на Путин како претседател, практично не е променето веќе пола година и изнесува 87 проценти од испитаниците. Десет проценти од нив не ја одобруваат неговата работа. Најголема доверба Путин има кај оние кои им веруваат на телевизиите како извори на информации. Дури 95 проценти од нив. Или пак од оние кои сметаат дека работите во земјата одат во вистинска насока (98 проценти), оние чиј живот лани се подобрил(96 проценти), а исто така и од оние кои ги подржуваат вооружените дејствија на Русија во Украина(94 проценти) или сметаат дека сега војната треба да продолжи, а да не се оди на мировни преговори(93 проценти). 

Веќе спомнавме дека работата на Путин не ја одобруваат 10 проценти од испитаниците. Од нив 14 проценти се на возраст од 40 до 54 години, 32 проценти им доверуват на јутјуб каналите, како извор на информации, 51 процент сметаат дека земјата оди во неправилна насока, па дека животот е влошен(27 проценти), не ги поддржуваат дејствата на вооружените сили на Русија во Украина(38 проценти), а 14 проценти сметаат дека сега е време за мирни преговори, а не војна.

ИНТЕРНЕТОТ ЈА НАДМИНУВА ТЕЛЕВИЗИЈАТА

Пред некој ден беше објавена и нова анкета. Овој пат за изворите на информирање во Русија, довербата кон нив, популарни новинари и блогери. Општата оценка е дека телевизијата останува главен извор на информации за Русите, но вкупната публика на интернет-извори ја надминува онаа на телевизијата. Значи светските трендови не ја одминуваат и оваа земја. Па така за прв пат, уделот на дневната публика на онлајн изворите го надмина уделот на оние кои гледаат вести на телевизија секој ден. Нормално, помладите, пообразованите и побогатите испитаници имаат поголема веројатност да дознаат за вестите од Интернет. Луѓето кои гледаат вести на телевизија, има поголема веројатност да бидат постари, помалку образовани и помалку ситуирани. Светските трендови се следат и кај радиото. Околу еден од десет луѓе добива вести од радио, а профилот на радио слушателот е сличен на профилот на телевизискиот гледач. За време на советската ера, две третини од испитаниците слушале радио повеќе или помалку редовно. 

Покажано низ бројки, и покрај тоа што телевизијата останува главен извор на информации кај Русите, нејзината важност постепено опаѓа: од 90 проценти во 2014 година на 54 проценти во август 2023 година. Во последната година, падот е запрен и вредностите се движат на 60 проценти. Во март, 61 процент од испитаниците дознале за вестите во земјата и светот преку телевизија. На второ место се социјалните мрежи, кои ги користат 38 проценти од испитаниците. Три од десет испитаници користат онлајн публикации и канали на Telegram како извори на вести, но додека каналите на Telegram продолжуваат да добиваат на популарност (зголемување за 29 процентни поени од март 2019 година), онлајн публикациите полека ја губат популарноста (намалување за 11 процентни поени од март 2021 година), што може да се објасни со преминот на публиката кон инстант пораки. Бројот на Руси кои дознаваат за вести од YouTube каналите во последно време се намалува (на 6 проценти во март 2025 година), но се зголеми на 10% во април. 

Веќе рековме дека, според анкетата, најголема доверба Путин има кај оние кои им веруваат на телевизиите како извори на информации. Дури 95 проценти од нив. Телевизијата како извор на информации најчесто ја користат жените во Русија (66 проценти), па повозрасните(82 проценти), сиромашни, кои едвај имаат за јадење(75 проценти) и секако поддржувачите на Путин(63 проценти) и оние што сметаат дека земјата оди во вистинска насока(64 проценти од испитаниците). Младите до 24 години се насочени кон социјалните мрежи, дури 60 проценти од испитаниците, па 41 проценти од оние со високо образование и побогатите – 45 проценти. Интернет изданијата ги читаат мажи, од 25 до 40 години, високо образовани, богати, оние кои сметаа дека работите во земјата не одат во вистинска насока и кои не ја одобруваат работата на Путин. Може да се зборува дека опозиционо настроените Руси се насочени повеќе кон интернет- изворите на информирање. 

ПРОПАГАНДИСТИ

Во Русија телевизијата има најголема доверба како извор на информации. Неа и доверуваат дури 44 проценти од испитаниците. Но вкупно земено Интернет-изворите на инфромации(Telegram канали, социјални мрежи, портали, подкасти, ју-тјуб...) ја надминуваат телевизијата. Ним им доверуваат 54 проценти од испитаниците. Поголема доверба кон телевизиите имаат повозрасните и оние кои го поддржуваат Путин. Опозиционо настроените се свртени кон интернет-медиумите.

Речиси половина од испитаниците (48проценти) веруваат дека добро ги разбираат настаните што се случуваат во Русија (4 проценти - многу добро, 44 - прилично добро), нивниот удел се зголемил малку во текот на 9 и пол години (за 6 процентни поени од декември 2016 година). Забележително помал број испитаници сметаат дека се добро запознаени со настаните што се случуваат надвор од Русија – 26 проценти (2 – многу добро, 24 – прилично добро), нивниот удел, напротив, е намален во споредба со 2016 година (исто така за 6 процентни поени). Дури 66 проценти од Русите не чувствуваат преоптовареност со дневни новости. 

Овде мора една мала дигресија. Кај Русиве е мал бројот на оние кои признаваат дека не се запознаени добро со настаните надвор од Русија. Кај нас речиси нема човек кој не се смета себе си за голем познавач на она што се случува во Македонија и во светот. На социјалните мрежи врие од „политичари“, „експерти“, „министри“, „премиери“...Независно дали е млад или возрасен. Машко или женско. Само погледнете на мрежите и се’ ќе ви биде јасно. Не се потребни никакви истражувања. Дури малку им се новостите. Кај нас 100 проценти од испитаниците нема да чувствуваа преоптовареност од новостите.

Конечно збор, два, за популарноста на новинарите. Истражувањето покажува дека најпопуларни, според набројувањето на самите испитаници, се  оние кои денес во Русија ги викаат главни пропагандисти. Ги има и кај нас. Најпопуларниот е на прво место со 11 проценти популарност. Но меѓу нив има и „странски агенти“, кои и покрај тоа се доста популарни во Русија. Некои мораше да ја напуштат земјата по 2022 година, но нивната популарност не се намали. Јуриј Дуд, за кого сега велат дека е во Барселона, во ноември 2024 година на својот јутјуб канал имаше 10, 3 милиони потписници и над две милијарди прегледи. Човек кој ја осуди руската инвазија во 2022 година во Украина. Но се’ уште е популарен во Русија особено кај младите од 18 до 40 години. Се наоѓа во првата десетка на популарноста.

По почетокот на војната во Украина, кога пропадна договорот од Истанбул, напишав дека сега ќе стане збор за војна на Русија со Западот, а не со Украина. И дека тоа ќе биде главниот мотив за поддршка на војната внатре во Русија.  Ова од едноставна причина што во Русија, а Москва и Петербург не се Русија, благодарение на државните телевизиски канали ќе почне пропагандата дека се работи за судир со САД, односно Западот. А долгогодишното наследство од Студената војна се’ уште е во сеќавање во Русија. И односот на Западот кон Русија, по нејзиниот крај. На тој начин на руското раководство ќе му биде полесно да мобилизира луѓе за војната. Ваквиот став Русија постојано го повторуваше, што во крајна линија се покажа и како факт. Оттогаш наваму и покрај некои кризи на фронтот, довербата кон Путин е доста висока. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Комората испраќа јасни пораки

Комората испраќа јасни пораки

Доналд Трамп оствари една цел во Украина

Доналд Трамп оствари една цел во Украина