На грчко - македонската граница мигрантите ќе протестираат
Објавено во: Балкан 15 Ноември, 2017
Десетици баратели на азил се собираа во грчкиот град Солун, по повикот објавен преку социјалните медиуми за одржување марш на северната граница на Грција со Македонија.
Тие протестираат поради нивната неможност да се преселат во други европски земји.
Околу 80 луѓе, главно од Ирак и Сирија, вклучувајќи и многу семејства со деца, се собраа денеска на централниот плоштад во Солун пред закажаниот марш до границата. Некои, во текот на ноќта, пристигнаа од бегалските кампови во Атина и од други места, пишуваат грчки медиуми.
Десетици илјади бегалци и мигранти во моментов се заглавени во Грција, и не можат да заминат кон нивните посакувани дестинации во Европа, откако земјите ги затворија копнените граници лани.
Изминативе години мигрантите се бунтуваа на јужната граница затоа што сакаа да заминат кон Европа. Тие се судрија и со полицијата, фрлаа камења, а во знак на револт некои од нив си ги сошија устите.