Најевтино гориво, но и најниски плати
Објавено во: Економија 02 Ноември, 2017
Македонските возачи точат номинално најевтино гориво во Европа, но ако се споредат бројките за тоа во која држава колку литри може да се купат со просечна плата лесно може да се види дека овие трошоци се голема ставка за џебот на едно македонско семејство.
Во овој поглед, во најдобра позиција се граѓаните на Луксембург, кои со една просечна плата можат да купат 2.560 литри бензин. Во Македонија со просечна плата од 22.912 денари (370 евра) може да се купат 358 литри безоловен бензин по актуелната цена од 64 денари (1,03 евра). Најлоши меѓу земите- членки на ЕУ се Романците, кои со просечна плата купуваат едвај 397 литри. Германците може да купат 1.619 литри со просечна плата, Австријците 1.014 литри, а Швеѓаните 1.778 литри. Од друга страна, жителите на новите членки на ЕУ се на дното на листата. По Романците, најмалку гориво со просечна плата купуваат Бугарите 444 литри. Во Унгарија може да се купат 503 литри, во Словачка 549, а во Чешка просечните приходи се доволни за 706 литри бензин. Норвежаните со просечна плата можат да купат 2.005 литри иако плаќаат најскап безоловен бензин од 95 октани во Европа по 1,74 евра за литар.