НАМАЛЕНИ ПРИХОДИ ЗА МИНИМУМ 10 ОТСТО, губење работа и болнички трошоци - еве кој ќе се спаси од ратите
Објавено во: Финансии 02 Септември, 2020
Банките ги обелоденија условите за тоа кои граѓани ќе можат да добијат уште шест месеци одложување во плаќањето на кредитните рати.
Односно, денеска се искристализира дека најголемиот дел од банките оваа можност ќе им ја дадат на лицата кои за време на ковид кризата останале без работа, или, пак, тоа му се случило на нивниот партнер, кој во случајот е ко-кредитобарател, потоа, на лицата на кои им се намалиле приходите, и тоа за најмалку 10 отсто, па и повеќе во споредба со пред почетокот на кризата, како и оние кои имале зголемени трошоци за лекување поврзани со ковид 19.
На луѓето што ги исполнуваат овие критериуми, банките ќе им испратат индивидуални понуди за помош, односно олеснување на условите, за кои тие ќе треба да се изјаснат во рок од 10 дена.
НЛБ Банка веќе ја објави за своите клиенти новата можност за одложување на кредитните обврски.
А премиерот Зоран Заев денеска при средба со стопанствениците изјави дека поради кризата од ковид-19, во земјава без работа останале околу 22 до 23 илјади, а можеби и 30 илјади граѓани.