04 Мај, 2024
0.0288

Натпартиски кандидат или реприза на Иванов: Досие Гордана Силјановска Давкова

Објавено во: Македонија 17 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Експертот за уставно право и професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордана Силјановска Давкова и официјално е кандидатот со кој ВМРО ДПМНЕ како опозиција же настапи на претстојните претседателски избори. Поддршка на конвенцијата на партијата од која се кандидира и дадоа 408 делегати.

Запрашана дали, доколку издвојува победа на изборите, ќе положи заклетва пред Република Северна Македонија, таа истакна дека не е политичар, туку професор и дека во врска со тоа има добро познат став во јавноста.

 Според „методот“ кандидатурата на Силјановска се наметнува слично како во 2009 година кога група на припадници на академската заедница, писатели и експерти застанаа зад претседателот Иванов, кој подоцна ја доби довербата од ВМРО-ДПМНЕ на партиска конвенција. За Силјановска е тешко да се направи поврзаност со било која политичка партија во Македонија бидејќи секогаш била критички настроена кон секоја власт.

И претходно се очекуваше да се јави некое име од професорската фела кое ќе истрча со дресот на ВМРО-ДПМНЕ, особено во оваа рана предизборна фаза кога се прават партиските пресметки кој кандидат би имал најголеми шанси да ја однесе победата во мај.

Која е Гордана Силјановска Давкова?

Можеби малкумина денес знаат дека Силјановска беше и министер без ресор од 1992 до 1994 година во првата влада која како премиер ја предводеше Бранко Црвенковски. Година претходно била и член на Уставната комисија на Собранието на Република Македонија во 1991 година која презеде значајни чекори во независноста на земјата. Докторирала со почести во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Во периодот од 2012 до 2016 беше и член на Веницијанската комисија за малцински прашања. Денес е редовен професор на правниот факултет во Скопје, во Институтот за правни и политички науки. Автор е на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.

Еден од лидерите на професорскиот пленум

Професорката по уставно право во жестоката 2014 година која ја одбележаа протестите на студентите, беше еден од најистакнатите членови на професорскиот пленум во обид да ја одбрани автономијата на универзитетот кога се носеше спорниот Закон за високо образование. Таа беше дел и од протестот на професорите пред Собранието каде одржа одличен говор зошто предложеното законско решение е погрешно, ја критикуваше затвореноста на министерството за образование кое не ги консултираше експертите, а не се сложуваше ниту со недостигот на концепт како да се развива факултетското образование.

„Не верувам дека ќе треба овде да зборувам. Мислев дека ќе дојдат на факултетите, на универзитетите за таму низ дијалог да разговараме за реформата на високото образование… Не верував дека ќе треба овде да стојам зашто очекував да не поканат на Комисијата за образование, спорт и наука. Не не поканија. Не ми преостанува ништо друго освен овде да потсетам дека студентите ги учат дека политиката е дијалог. Дијалог не може да има ако ние сме овде, а тие се таму“ говореше Силјановска.

Мала криза пленумот доживеа кога поранешниот премиер Никола Груевски застана да разговара со професорите кои беа собрани за да одржат прес конференција. Постоеше мала конфузија и несмасна реакција бидејќи во тој момент јавноста, особено студентите очекуваа жестоко соочување на елоквентните професори против политичарот кој го сметаа за главен виновник за лошите реформи во образованието. Силјановска заедно со пленумот побара и од Иванов да стави вето доколку законот се изгласа во Собрание, но по големиот јавен притисок и издржливоста на пленумите кои прогласија автономна зона на факултетите, власта на ВМРО-ДПМНЕ го повлече законот на почетокот на 2015 година.

Жесток критичар на двојазичноста

Силјановска гостуваше во десетина емисиии во кои цврсто застана против новиот Закон за употреба на јазиците со кој де факто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените заедно со професор Ванковска и академик Ќулафкова, за што добија и бројни етикети од медиумите, особено дека со нивните настапи ширеле „албанофобија“ и дека наводно биле блиски до политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Секако, Силјановска Давкова се противеше на ваквите инсинуации и во своите настапи користеше исклучително правни аргументи, особено за постапката во која беше донесен законот со европско знаменце.

„Ако моите родители биле тепани да пишуваат и зборуваат на српски јазик, ако баба ми и дедо ми исто така морале да зборуваат бугарски јазик едно време, таа асоцијација е лоша, а богами за владеење на Втората светска војна во западниот дел на Македонија и документите и актите биле на албански јазик. Значи заканите не можам да ги разберам бидејќи ние и од говорница чувме дека „Ако не сакате , ќе морате да го учите“, велеше Сиљановска Давкова.

Давкова не се согласуваше со подоцнежните драми Иванов да не го потпише законот, кој откако беше вратен со вето беше изгласан со апсолутно мнозинство, па така спикерот Џафери во невообичаена процедура која се уште се спори го парафираше и го испрати законот на објавување во Службен весник.

Борец против Преспанскиот договор

За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да и се мешаат дрско во внатрешните прашања и вели дека „покраината Македонија во Грција веќе го прогласи Солун како главен град на Македонија“ и тоа пред странски гости (на парадата во Солун на 28 октомври н.з.) и притоа истакна дека ние ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“. Таа во обемна правна анализа на договорот за решавање на спорот за името потенцира и дека уставните измени кои се преземаа се недозволиви, грбо кршење на сите принципи, а дека се навлегува целосно во промена на „историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, УСТАВОТ, слободите и правата на човекот и граѓанинот“.

Ќе води ли независна политика како претседател?

Професорката Силјановска во своите јавни настапи затворската казна за екс премиерот Груевски кој сега е во бегство ја оцени како очекувана со оглед на тежината на кривичното дело и сметаше дека тој треба да заврши во затвор по правосилната пресуда. Нејзините претходни критики на неговата власт и заложбите во пленумот треба да и дадат доволно кредибилитет како личност која би се спротиставила на погрешни политики. Значајно за десничарското гласачко тело во Македонија е што нејзините ставови против законот за двојазичност и Преспанскиот договор се многу популарни, па така гласачите кои сакаат политичар кој стои зад националните позиции на Македонците би и дале доверба. Донекаде и неутралните, како и тие кои се разочарани од сите компромиси кои Македонија мораше да ги преземе на свој товар за да го одблокира евроатлантскиот пат, а не се водат од партиски директиви би можеле да ја земат во предвид Силјановска како „разумно“ решение на десницата за највисоката позиција во извршната власт. Секако, СДСМ и нивната коалиција ќе се обиди да ја прикаже Силјановска како застапник на погрешни политики, на кочничар на евроатлантските интеграции, па дури и затскриен националист кој не е конструктивен во политичкиот дијалог и реал партиската политика. Друг аргумент е дека со изборот на Силјановска би се повторило сценариото со Иванов и дека не ни е потребно нов „волк во јагнешка кожа“.

Сепак, Силјановска рече дека ќе бара поддршка и од СДСМ, но дали ќе ја добие ќе покаже изборниот исход.

Р.Ф.


Можеби ќе ве интересира

„ПО ВТОР ПАТ СТАНУВАМ СРЕЌЕН СВЕКОР“: Љупчо Бујото доби уште една снаа

„ПО ВТОР ПАТ СТАНУВАМ СРЕЌЕН СВЕКОР“: Љупчо Бујото доби уште една снаа

ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ: Не се знае колку степени беше, но дел од граѓаните велат бил значително силен

ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ: Не се знае колку степени беше, но дел од граѓаните велат бил значително силен

ДВЕ ЛИЦА ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: едно лице е хоспитализирано

ДВЕ ЛИЦА ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: едно лице е хоспитализирано

ГИ ИЗГРИЗАЛО КАБЛИТЕ ЗА ИНТЕРНЕТ - куче кое пропаднало во шахта ги остави без мрежа „Филип Втори“ и „Букурешт“

ГИ ИЗГРИЗАЛО КАБЛИТЕ ЗА ИНТЕРНЕТ - куче кое пропаднало во шахта ги остави без мрежа „Филип Втори“ и „Букурешт“

СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: сообраќајот е во прекин

СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: сообраќајот е во прекин

ЕЛЕКТРИЧЕН СТОЛБ ПАДНА НА ПАТОТ ГОСТИВАР - КИЧЕВО: кабли распослани по улицата, сообраќајот во прекин

ЕЛЕКТРИЧЕН СТОЛБ ПАДНА НА ПАТОТ ГОСТИВАР - КИЧЕВО: кабли распослани по улицата, сообраќајот во прекин

ЕНОРМНО ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЛАТИ ЌЕ СЕ ВРЗАТ ЗА МИНИМАЛНАТА: Најчевска најавува „чистење“ преку укинување на бенефициите, еве што објави

ЕНОРМНО ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЛАТИ ЌЕ СЕ ВРЗАТ ЗА МИНИМАЛНАТА: Најчевска најавува „чистење“ преку укинување на бенефициите, еве што објави

ЌЕ СЕ СЛЕДАТ ТРАНСАКЦИИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИ, ОБВИНИТЕЛИ, БИЗНИСМЕНИ КОИ РАБОТАТ СО ДРЖАВАТА - еве што најави Димитриеска Кочоска

ЌЕ СЕ СЛЕДАТ ТРАНСАКЦИИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИ, ОБВИНИТЕЛИ, БИЗНИСМЕНИ КОИ РАБОТАТ СО ДРЖАВАТА - еве што најави Димитриеска Кочоска

Стопанска комора: Избрзана, непазарна одлука за авто осигурувањето

Стопанска комора: Избрзана, непазарна одлука за авто осигурувањето