НЕ САМО ЕДНАШ ТУКУ ПОВЕЌЕ ПАТИ СЕ ЗАКАНУВАЛ СО БОМБИ - кривична пријава за тинејџер, се товари за тероризам
Објавено во: Македонија 22 Март, 2023
Тинејџер од Скопје се терети за „тероризам“, откако е фатен дека испратил порака со заканувачка содржина до електронската адреса на едно средно училиште, а за која проверките покажале дека е лажна.
Станува збор за дојава испратена при крајот на месец февруари, при што малолетникот кој е на возраст од само 15 години, креирал своја електронска адреса и од домашниот лап-топ ја испратил заканата до училиштето. Притоа као што појаснуваат од МВР, тој во неколку наврати и во повеќе училишта испратил заканувачки пораки
- Денеска (22.03.2023) Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15-годишник од Скопје, за сторено кривично дело „тероризам”, предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичен законик.
Пријавениот малолетник на 24.02.2023, користејќи го својот мобилен телефон креирало електронска адреса, и истиот ден, користејќи го својот лап-топ компјутер од својот дом испратило порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на едно средно училиште во Скопје, за која по извршени проверки било утврдено дека е лажна. Притоа, со цел да ги прикрие своите активности при испраќање на поракaта малолетникот користел VPN апликација - појаснуваат од Министерството за внатрешни работи.
Од таму додаваат дека по преземените мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика утврдена е користената IP адреса, чиј сопственик е таткото на малолетникот, а врз основа издадена Наредба за претрес на дом од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домот на родителот на малолетникот, од каде привремено се одземени мобилен телефон, сим картичка и лаптоп компјутер кои ги користело малолетното лице.
- Од извршеното вештачење е утврдено дека истата електронска адреса е користена за да се испраќаат пораки со заканувачка содржина до неколку училишта на територијата на град Скопје од мобилен телефон и од лаптоп компјутер, во повеќе наврати.
На 03.03.2023, во присуство на негов родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, во полициска станица е извршен службен разговор со малолетникот, во текот на кој тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело - додаваат од МВР.