21 Октомври, 2019
0.0168

Неформален пренос на пари

Објавено во: Колумни 23 Септември, 2019

Според истражувањата на FATF, во одделни делови на светот (на пример: на Блискиот Исток и во Северна Африка) може да се сретне т.н. неформален пренос на пари. Преносот на пари се извршува преку нерегулирана мрежа на посредници при што не постои физичко или електронско движење на парите.

Овој систем функционира на тој начин што испраќачот се обраќа кај неговиот посредник, му ги предава парите и му кажува на која дестинација сака тие пари да бидат пратени. Посредникот на испраќачот (кој задржува одредена провизија од парите) усно го известува посредникот на примачот. По добиеното известување, посредникот на примачот му ги предава парите на примачот, по одбиената провизија. Во однапред дефиниран временски интервал (пример: еднаш месечно), двата посредника се порамнуваат помеѓу себе.

Неформалниот пренос на пари се појавува во услови на непостоење на банкарски или финансиски услуги во одделни средини кон кои се трансферираат парите. Покрај тоа, трошоците за пренос на пари на овој начин се значително пониски во однос на трошоците што би настанале при преносот на пари преку легални системи (во прилог на пониските трошоци оди и даночната евазија што ја овозможува неформалниот пренос).

Со оглед на тоа што кај неформалниот пренос на пари не доаѓа до преземање на стандардните мерки и дејствија за спречување на перење пари, постои голема опасност од злоупотреба на овој систем во функција на нелегални активности. Покрај ризикот од перење пари, ваквиот неформален пренос на пари носи и низа на други ризици за економскиот систем на една земја (ризици за монетарната и девизната политика, фискалната политика, зголемување на трошоците и одлив на капиталот).

Негативното влијание на неформалниот пренос на пари врз монетарната и девизната политика се манифестира на тој начин што трансакциите извршени во странска валута која е набавена надвор од официјалните пазари може да има негативен ефект врз рамнотежата на понудата и побарувачката на странски средства за плаќање, што од своја страна негативно влијае врз тековите на инвестициите и го парализира економскиот раст во целина.

Исто така, негативното влијание на овој начин на пренос на пари врз фискалната политика се гледа во тоа што циркулацијата на средства надвор од официјалниот економски циклус предизвикува загуби во буџетот поради неможноста да се наплатат царинските и даночните побарувања од инволвираните субјекти во неформалниот пренос на пари.

Покрај тоа, неформалниот пренос на пари предизвикува нарушување на алокацијата на средствата во една национална економија и овозможува одлевање на капиталот, без да постои каков било материјален доказ за таквата појава.

Како може да се препознае ваквиот неформален пренос на пари? Прво, преку оглас во медиумите каде што одредено лице тврди дека може да трансферира одредена сума пари во странство. Второ, со оглед на тоа што услугите на овој систем често ги користат субјектите кои перат пари, преку следење на тие субјекти може да се дојде и до посредниците кои се дел од овој систем. Трето, треба да се обрне поголемо внимание на извештаите за големи или невообичаени трансакции во одредена средина. Тие трансакции можат да бидат дел од неформалниот пренос на пари.

Исто така, треба да се работи на подигање на свеста на луѓето за ризиците што ги носи неформалниот пренос на пари врз целокупната национална економија. Граѓаните треба да бидат посоветувани да бараат лиценца од секој субјект кој се занимава со пренос на пари, па на тој начин да се уверат во легитимноста на неговите деловни активности.


 д-р Гоце  Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Организации на земјоделците, фактор на конкурентност на земјоделството

Организации на земјоделците, фактор на конкурентност на земјоделството

Не треба да се запрашаме зошто, туку како?

Не треба да се запрашаме зошто, туку како?

„Аутомат-клуб“

„Аутомат-клуб“

Макрон го предава Западен Балкан на неевропските сили

Макрон го предава Западен Балкан на неевропските сили

Градот на светлината е мрачен град за нашата европска иднина

Градот на светлината е мрачен град за нашата европска иднина

Зелено пазарски пинг-понг

Зелено пазарски пинг-понг

Од „Изворот на мирот“ може да протече војна

Од „Изворот на мирот“ може да протече војна