27 Април, 2024
0.0254

Нема неуспешни протести, има неуспешна власт

Објавено во: Колумни 25 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Полека но сигурно протестите стануваат дел од нашето секојдневие. Минатиот месец имавме еден, пред две недели уште еден, оваа недела се веќе два протести. Народот полека почнува да реагира на неправдата. А во едно демократско општество ваквиот развој на настаните значи дека власта мора сериозно да ги  преиспита потезите и да се обиде да ги најде начините што и каде да корегира, како во делот на спроведување на политиките така и во делот на нудењето на решенија. Но кај нас не е баш  така. Целата енергија се насочува пред  се во пригушување на секој евентуален обид на изразување на револт. Етикирање, обележување, упатување на закани  онаму каде што се може, се само дел од алатките кои се користат со цел да се стигне до целта. Приврзаниците на владините политики и практика вложија големи напори изминатите протести да ги омаловажат колку што е можно повеќе и тоа преку бројки. Де  биле 500 протестанти, де биле најмногу 1000 или две илјади. Или утре ќе излегле не повеќе од 700. Божем проблемот е во бројот. Слично се однесоа и доста приврзеници на демонстрантите. И за нив е важен бројот, па затоа и „гледаа“ колку може повеќе демонстранти- дури и десет илјади, за да покажат колку е големо незадоволството од политиките и однесувањата на власта. Нема сомнение дека  не е за потценување и квантитативното гледање на состојбите со протестантите. Меѓутоа, само така  посматрани тие, колку да се точни, со оглед на тоа што се случуваше, не ја одразуваат вистинската состојба на настаните. Протестантите беа изложени на арсенал на притисоци , па дури и оној најсмешниот, демек протетите биле опозиционо ориентирани, како да е грев да си опозиционер. Очигледно е дека во еден ваков  контекст бројот на протестантите е најмалку важен. Да беше и уште помал, тоа би зборувало уште полошо за власта, со оглед на нескриената ангажираност да ги сопре демонстрантите да излезат во што поголем број. Тоа би значело дека врз оние што се осмелуваат јавно да го искажат своето мислење, спротивно на мислењето на власта, е применета голема  противзаконска сила, што е спротивно на слободите и правата на човекот, на демократската ореиентација на државата и општеството. Затоа со право може да се каже дека  и наводниот неуспех (малиот број на протестантите) оди на товар на власта, односно и тој би говорел на карактерот на нејзиниот „успех “ во сузбивањето на легални и легитимни протести. Ама ова не е добро за власта. Особено ако се има предвид силината на аргументацијата на поставените барања. Во однос на нив, постапките од надлежните можат да се окарактеризираат како очигледни импровизации и примена на своевиден тип на насилство. Имајќи ги предвид аргументите на   студентските протестанти против воведувањето на државен испит и на „хонорарците“ против воведувањето на нови давачки на примањата (од авторски права, хонорарна работа и работа по договор за дело) просто е неверојатно како власта нема слух за потреба од објективно разгледување на нејзините предлози од лица на кои се однесуваат промените во законите. Заробена во својата „безгрешност“ таа нема слух за други предлози освен за своите, дури и кога јавно ќе и’ се покаже неодржливоста на нејзините предлози. Но, таа нема време за чекање. Имиџот на ефикасна влада  и’ налага предлозите да ги озакони што побрзо, непочитувајќи ги дури ни законските рокови за увид и расправа по предлозите (во случајот со предлозите за реформа на образованието). Нема време да објасни како ќе го спречи доделувањето на високи оценки без никакво знаење со (државен испит), а притоа, оценките ги даваат професорите, кои работаат, често, во несносливи услови (предавачи и испитувачи на повеќе од 4-5 предмети). Нема разумно објаснување ниту за операбилноста на воведувањето придонеси на „хонорарците“. Еднострано се нагласува дека со тоа решение ќе се обезбеди добар дел од нив да се вклучат во системот на вработени (ќе се намали бројот на невработените), а не сакаат да видат дека и добар дел од вработените, и тоа оние со најниски примања, ќе се трансформираат во „хонорарци“ под новите услови. Ваков развој на настаните во значајна мера ќе ги десеткува и очекувањата за 60-70 милиони евра прилив во буџетот годишно. Дури и да се остварат очекувањата дали се тие вредни за да го оправдаат незадоволството на „хонорарците под нови услови“ и на огромниот дел на вработени и невработени кои со хонорарната работа се обидуваат да го подобрат нивото на преживување. Но, кој да мисли на тоа. Се случи очекуваното и неизбежното, согласно практиката на власта. Игнорирајќи ги спротивставените гледања владата го усвои предлогот за реформите во образованието, вклучувајќи го и предлогот за државен испит, а законот за задолжително социјално осигурување  (придонеси на примањата надвор од плата) ќе стапи во сила од 1 јануари 2015 година. Веројатно не можеа на своите граѓани да им смислат подобра честитка за Новата 2015 година. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД