Нема визи за косовските граѓани
Објавено во: Балкан 06 Јули, 2016
Засега нема визна либерализација за граѓаните на Косово.
Европратеничката и известувач за визниот режим за Косово, Тања Фајон, изјави дека се одлага визната либералзиација за граѓаните на оваа земја.
„Одложено е гласањето за визна либералзиација на Косово од 12 јули за 5 септември. Гласањето најмногу зависи од ратификацијата на спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора. Жал ми е, но оваа одлука ја донесов бидејќи не е забележан никаков потребен напредок кога се однесува на исполнувањето на последните критериуми, посебно рафикацијата на спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора. Искрено очекувам Парламентот на Косово да ја ратификува оваа спогодба што е можно побрзо, дури и пред летниот одмор“- вели Фајон.
Слободното движење, вклучувајќи и патувања без визи во земјите на Шенген зоната ,е она што луѓето го заслужуваат, посебно младите, смета Фајон.
За министерот за евроинтеграција, Беким Чолаку ваквата одлука е очекувана. Според него, причина е неизгласувањето на спогодбата за демаркација на границата со Црна Гора, што било и главен услов за добивање визна либерализација. Тој апелира до политичарите во земјата да не го држат во заложништво слободното движење на граѓаните, бидејќи нема компромис за прашања кои се бараат од унијата.