Околу 14 000 бегалци заглавени на границата со Македонија
Објавено во: Балкан 08 Март, 2016
Од понеделникот утрото на ниту еден од околу 14 000 бегалци, колку што ги има на грчката страна на границата со Македонија, не му е дозволено да го продолжи патот кон Западна Европа.
Македонската полиција ја отвори капијата само за да врати во Грција четворица Авганистанци кои се фатени во обид илегално да ја преминат границата, а повеќе десетици луѓе ја поминале бурната ноќ во близина на граничниот премин, надевајќи се дека ќе им биде дозволено да преминат.
Бегалците изјавиле дека ќе чекаат се додека не им биде дозволено да влезат во Македонија и да го продолжат патот кон Западна Европа.
Стотина бегалци подигнале шатори кои ги добиле од хуманитарната агенција на полињата пред транзитниот логор, пренесе АП и додава дека палат огин за да ги исушат мокрите алишта.
Грчките власти најавија изградба на додатен смештај за бегалците јужно од пограничното место Идомени.