Отруените штипски работници пуштени дома, ќе се истражува причината
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2017
21 работник од штипската фабрика „Актива“ со симптими на труење од храна откако ја добиле медицинската помош пуштени се на домашно лекување.
Сопственикот на компанијата Актива, Илија Николов вели дека по труењето на работниците, сега ги чекаат резултатите од Санитарната инспекција.
– Се вршат испитувања. Има претпоставки дека е од храната. Ги чекаме резултатите од Санитарната инспекција. Таа е на терен, од изутрината вршат испитувања на местото каде се подготвува храната, што ние ја добиваме од фирма специјализирана за тоа. Ние како компанија веднаш реагиравме. По првите симптоми сите работници од наша страна се однесени во болница, а дел веќе се вратија и на работа, вели Николов.
Ова е прв случај во некоја од штипските фабрики да има труење на работници од храна. Резултатите од надлежните инспекции се очекуваат во понеделник.