Павле Богоевски: Џафери немаше ниту една гребнатинка кога го гласавме, а сега го заштити организаторот
Објавено во: Македонија 25 Февруари, 2019
Павле Богоевски, независниот пратеник од парламентарното мнозинство, го обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека го спасил организаторот на настаните на 27 април, Трајко Вељановски, иако „крвавиот четврток“ се случи веднаш по изгласувањето на парламентарниот спикер.
„Нашиот глас за Талат Џафери на 27ми април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас“, напиша поранешниот член на „Шарената револуција“.
Додаде дека не е точна официјалната верзија на Собранието, туку дека се работи за бојкот кон Џафери.
„Денес низ медиумите прочитав информација дека парламентарните седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат. Тоа е уште една лага која најверојатно е излезена од неговиот кабинет“, додаде Богоевски.