По Брегзит, дали англискиот ќе го изгуби статусот официјален јазик во ЕУ?
Објавено во: Свет 28 Јуни, 2016
Можно е англискиот јазик да не биде повеќе официјален јазик во Европската унија откако Велика Британија ќе ја напушти унијата.
Ова го изјави претседателката на Комитетот за уставни прашања при Европскиот парламент, Данута Хубнер, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.
Англискиот јазик е еден од 24-те официјални јазици во Европската унија затоа што е регистриран од Велика Британија како официјален јазик во таа земја. Но, откако Велика Британија ќе го комплетира процесот за напуштање на Европската унија, англискиот јазик може да го загуби статусот.
„Англискиот јазик е нашиот официјален јазик затоа што тоа го побара Велика Британија. Ако ја немаме Велика Британија во Европската унија, тогаш го немаме ниту англискиот јазик“ - вели Хубнер.
Секоја земја членка има право да пријави еден официјален јазик. Ирците за официјален јазик го имаат пријавено галскиот, а властите од Малта го имаат пријавено малтешкиот, а Велика Британија го има пријавено англискиот јазик.Англискиот јазик е еден од работните јазици кои што се говорат во институциите на Европската унија.
Хубнер порача дека англискиот јазик би можел да остане „работен“ јазик во Европската унија, па дури и во случај да не биде официјален, но за тоа треба да се согласат сите земји членки на Европската унија.