Почина Сомалиецот кој извикувајќи „Алах акбар“ повреди војници
Објавено во: Свет 26 Август, 2017
Мажот кој беше застрелан синоќа откако со мачета нападна двајца војници во центарот на Брисел починал во текот на ноќта.
Веста ја соопшти белгиското сојузно обвинителство, додавајќи дека овој инцидент го смета како за обид за терористичко убиство.
Станува збор за 30-годишен маж кој не е познат по терористички активности. Според јавниот сервис RTBF, се работи за 30-годишен доселеник од Сомалија.
Портпаролката на сојузното обвинителство на Белгија потврди дека мажот двапати извикнал „Алаху акбар“ (Господ е голем, на арапски јазик) во текот на нападот. Тоа го доведува во поврзаност со радикализам од исламистички позиции.
Војниците се полесно ранети во нападот, еден во лицето, а другиот во раката.
Покрај редовната полиција на улиците на Брисел патролираат и војници поради зголеменото ниво на безбедносна закана по нападите на исламските милитанти во Париз и во Брисел во 2015 и во 2016 година, за чии извршители се покажа дека главно се припадници на белгиска терористичка ќелија.
Во јуни војници застрелаа осомничен бомбаш самоубиец на централната железничка станица во Брисел, но немаше други жртви.