ПОЧНАА МИНИСТЕРСКИТЕ СМЕНИ: Агим Нухиу го наследи Наќе Чулев во МВР
Објавено во: Македонија 25 Јули, 2020
Од денеска почнаа
да се вршат министерските смени во техничката влада во согласност со Пржинскиот
договор. Досегашниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денеска
официјално му ја примопредаде должноста министер за внатрешни работи на Агим
Нухиу, кој како кадар на ДУИ досега беше заменик министер на МВР.
-Денеска во Министерството за внатрешни работи досегашниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, официјално му ја предаде должноста министер за внатрешни работи на Агим Нухиу. По денешното примопредавање на должноста, согласно постоечките законските одредби, Нухиу ќе раководи со министерството до изборот на нова Влада на Република Северна Македонија, односно до изборот на нов министер за внатрешни работи, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Покрај досегашниот министер Чулев, од МВР си заминува и актуелната дополнителна заменик министерка Славјанка Петровска.
Министерски смени има и во Труд и социјала, од каде си замина дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ. До формирањето на новата влада, со Министерството за труд и социјална политика ќе раководи досегашниот заменик министер Ѓонул Бајрактар.
Истовремено, по објавувањето на официјалните резултати од изборите, од дополнителните заменички министерски места ќе мора да си заминат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ од министерствата за финансии, за земјоделство, како и за информатичко општество и администрација.
Министерските места до формирање нова влада си ги задржуваат Дамјан Манчевски како прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација, и Нина Ангеловска која засега останува министерка за финансии.