ПОЛИТИЧКИОТ ЈАЗ СЕ ПРОДЛАБОЧУВА: Собранието никако да се мрдне од мртва точка
Објавено во: Македонија 12 Април, 2017
Собранието остана заглавено меѓу партиските препукувања околу албанската платформа, процедурални забелешки, реплики и контрареплики и по вчерашната седница, која продолжува денеска.
Дебатата е на мртва точка и расправата за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата никако да дојде на ред.
Главниот фокус вчера беше ставен на препукувања околу Деловникот односно дали може или не да се побара измена на дневен ред додека уште трае претресот на третата точка.
Пратеници од СДСМ бараат да се сконат останатите точки согласно членовите од Деловникот кои го овозможуваат тоа и да се премине на изборот на претседател.
ВМРО ДПМНЕ продолжи да не се согласува со ова барање на СДСМ тврдејќи дека не е согласно Деловникот и дека прво треба да се исцрпи дебатата од третата точка.
Овие несогласувања и бесцелни дебати го продлабочуваат политичкиот јаз. На улиците се протестира речиси секој ден, а граѓаните се тие што продолжуваат да ги трпат политиките на политичарите.