ПОПУЛАРНИОТ ФИЛИПЧЕ И ВО НОВАТА ВЛАДА - останувам посветен на битката со пандемијата
Објавено во: Македонија 26 Август, 2020
Убедливо еден од најпопуларните министри во старата, но и во новата влада на Зоран Заев, Венко Филипче, вели дека со задоволство ја прифатил поканата повторно да биде прв човек во здравството, каде ќе продолжи да се справува со најголемиот здравствен предизвик, битката со пандемијата на коронавирусот.
„Денес претседателот на СДСМ и мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев ја поднесе листата на министри, а јас со задоволство прифатив повторно да го водам Министерството за здравство. Да се води здравствениот систем во изминатите три години беше голем предизвик, а особено последните шест месеци откако се соочивме со коронавирусот. Но, јас во ниту еден момент не потклекнав. Работев на унапредување на здравството, подобрување на условите за работа на здравствените работници, условите и грижата за пациентите, единствено во интерес на граѓаните и јавното здравје. Во моментов се справуваме со најголемата светска здравствена криза во последните 100 години и останувам посветен на битката со пандемијата. И токму ова ќе биде еден од најголемите предзивици на новата Влада. Како што истакна претседателот Заев, продолжуваме силно да инвестираме во здравството, со цел да обезбедиме добра здравствена заштита за граѓаните“, напиша Филипче.
Инаку, Заев денеска порача дека имајќи го предвид периодот и состојбата со Ковид-19, новата Влада ќе се посвети на сериозни инвестиции во јавното здравство, за да имаме уште повеќе подготвени капацитети и мотивиран кадар кои ќе се борат против коронавирусот.
„Ви благодарам на сите за досегашната поддршка и ви ветувам дека со уште посилно темпо продолжувам понатаму!“, пишува Филипче.