Потребен ли е нов договор и блиску ли е решението: Од Бугарија се погласно не?
Објавено во: Македонија 25 Ноември, 2020
Оптимистички беа најавите дека Македонија и Бугарија не се далеку од постигнување договор, сметаат дел од бугарските медиуми откако така во јавноста ги коментираше односите македонскиот премиер Зоран Заев. Додека Али Ахмети лидерот на ДУИ и коалициски партнер во Владата тврди дека Скопје и Софија разменувале документи нараснува мислењето дека набрзо нема да има некое приближување. Дел од бугарските политичари сметаат дека е потребен нов договор и дека веќе постигнатиот не се почитува.
Најостар во коментарот за приближувањето на ставовите беше бугарскиот медиум Медиапул кој повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека тешко дека ќе има позитивна одлука на Советот за општи работи на ЕУ, на 8 декември.
Во текстот насловен како „Блиску ли е договорот меѓу Софија и Скопје и каде ќе се насочи европскиот притисок“ пишува дека Заев за недоразбирањата со Бугарија добива поддршка и од лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„Софија очекува Берлин, чие ротирачко претседателство со ЕУ истекува на крајот на годината, да изврши притисок и ЕК да ги прифати бугарските барања, затоа што досега европските очекувања беа насочени само кон Бугарија, што доведе до тоа Македонците да одбиваат да преговараат, така што разговорите се во ќор-сокак“, пишува „Медиапул“
Поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев во радио емисијата „Фокус“ вели дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година не се спроведува и страните треба да склучат нов. Тој претходно забележал дека сегашниот документ не содржи никакви посебни барања за С. Македонија. Покрај тоа, во последниве години, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева не успеала да им ја објасни на колегите од ЕУ суштината на несогласувањата со Скопје.
„Никогаш во поновата и претходната историја бугарската дипломатија не претрпела таков неуспех во надворешната политика, а за тоа е одговорна лично Екатерина Захариева. Колку побрзо Захариева ја напушти функцијата или колку побрзо Борисов ја прифати нејзината оставка, толку подобро за интересите на Бугарија. Ова повеќе не може да продолжи“, рече Ноев.