Потврдено: Напаѓачот на џамиите во Нов Зеланд престојувал и во Хрватска
Објавено во: Свет 16 Март, 2019
Хрватското Министерство за внатрешни работи потврдило дека напаѓачот на џамиите во Нов Зеланд, Австралиецот Брентон Харисон Тарант (28) кон крајот на 2016 и почетокот на 2017 престојувал во Хрватска.
-МВР располага со сознанија за движењето на наведната личност на подрачјето на Република Хрватска во текот на декември 2016 и јануари 2017 година-потврдила портпаролката на МВР Марина Мандиќ. Како што пренесе хрватски Индекс, таа појаснила дека тој податок е утврден со увид во официјалната полициска евиденција.
Новинските агенции претходно објавија дека се истражуваат контактите кои Тарант „можеби ги воспоставил“ во текот на посетата на југоисточна Европа, кога според податоци од бугарските разузнавачи поминал низ Србија, Босна и Херцеговина , Црна Гора и Хрватска.
Taрант, обвинет дека убил најмалку 49 луѓе и ранил уште десетици во две џамии во новозеландски Крајстчрч , објавил и видео снимка од нападот во кој може да се слушнат српски националистички песни од деведестите години. На своите пушки имал напишани имиња од историски личности и места од Бугарија, Србија и Црна Гора.