Повеќе од три часа Стефанова се сослушува во ЈО
Објавено во: Македонија 13 Август, 2019
Повеќе од три часа во Обвинителството за организиран криминал трае сослушувањето на обвинителката од СЈО Лиле Стефанова во врска со случајот „Рекет“.
Засега нема официјална информација до кога ќе трае распитот на Стефанова и дали таа ќе даде изјава за новинарите кои чекаат пред обвинителството. Распитот го води обвинителката Ивана Трајчева, во отстуство на шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска која е на одмор.
Лиле Стефанова е надлежен обвинител за предметот „Империја“ во кој обвинет е бизнисменот Јордан Камчев, еден од актерите и во случајот „Рекет“.
Таа и нејзината шефица во СЈО Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.
Обвинителката Стефанова по објавувањето на видеото во кое беше спомната од Камчев, во пишана изјава до медиумите ги негира неговите тврдења, оценувајќи ги како обид да ја дискредитира како обвинител.