26 Јануари, 2021
0.0264

Претприемничко банкарство – состојби и перспективи

Објавено во: Колумни 24 Ноември, 2020

Што подразбираме под поимот финансиска писменост?

Финансиска писменост претставува разбирање на финансиските концепти, финансиските ризици, како и поседување на вештини, мотивација и самодоверба за примена на ова знаење во пракса.

Во таа насока, добро е да се дадат неколку значајни факти за состојбите во македонското општество. Имено, вкупната парична маса во економијата кај нас изнесува повеќе од 14 милијарди евра. Од тоа, населението и стопанството учествуваат со нешто повеќе од 1,5 милијарди евра, додека пак централната банка со 2,5 милијарди евра. Остатокот е на Буџетот и буџетските корисници (околу 4 милијарди евра) и комерцијалните банки. Практично, најголемиот дел од паричната маса преостанува на „индустријата банкарство“, т.е. комерцијалните банки располагаат со повеќе од 6,5 милијарди евра. Оттука, со право можеме да констатираме дека стабилен банкарски систем е од најголемо значење за севкупниот развој на македонската економија.

Од ова, произлегува дека паричната маса со која располагаат комерцијалните банки е добар потенцијал за развој на малите и средни бизниси, како и стартапите. Од извештаите на регулаторот за монетарна политика гледаме дека комерцијалните банки во оваагодина на глобална криза со пандемијата, се во идентична или, може да се рече, во добра кондиција од минатата година. Сега се поставува следното прашање:

Дали е тоа поттик во новата 2021 година (второ полугодие) банките да ги зголемат активностите во функција на т.н. „претприемничко банкарство“?

Ако се има во предвид дека постои јаз помеѓу потенцијалните нови претприемачи и можностите за стекнување со финансиски ресурси (преку давателите на земи) со право се оправдува ваквата тема како нужна. „ФИТР“ е охрабрување во тој поглед, но е недоволно. Потребна е многу поголема взаемна вклученост на банките и државата преку образовни платформи каде ќе се пополнува недостатокот на практични вештини и компетенции за финансиските концепти и финансиските ризици кои се наменети за претприемачите. Да бидам објективен до крај, ако се погледне внимателно статутот, се добива впечатокот дека за таа цел се формираше „АБИТ“ (во 2014 година). Но, се чини и тоа беше недоволно. Институцијата беше затворена во себе првите 3 години. Практично, работите се раздвижија, па запнаа кога академијата се отвори кон не-банкарските субјекти и државата (крајот на 2017 и почетокот на 2018), а тргна одлично таа синтеза за целите на финансиската писменост во функција на промоција на претприемништвото како современа деловна и развојна филозофија на македонската економија... Но, за ова во друга прилика.   

Како е во ЕУ?  

Во земјите од Европската унија, малите и средните претпријатија се главен фактор во економскиот развој, така што од особена важност е тие да имаат доволно финансиски капитал за да го поттикнат економскиот развој на земјата. Примерот со претприемничкото банкарство во Европа, укажува на податокот дека истото е лимитирано (но многу поповолно од кај нас) на банкарски кредити најмногу до 80% од вредноста на проектот, за разлика од САД, каде што претприемачите во најголем дел се финансирани на пазарот на капитал.

Како е македонската пракса?

Во овој контекст, недостигот на капитал и на финансиски ресурси се главните бариери за развој на малите и средните претпријатија во домашната економија. Затоа велиме дека е потреба кредитната активност на банките или т.н. „претприемачки кредитен бум“. Но, да бидеме внимателни во тезите кога говориме за висока стапка на кредитна активност. Практично, таквата активноста на банките мора да биде во правопропорционален однос со порастот на БДП (кој сега е негативен поради глобалната криза со пандемијата), во спротивно, тоа сигурно води кон кредитна криза. Заклучокот е јасен: потребна е многу поголема вклученост на јавните фондови и координирана експанзија на претприемничкото кредитирање.

Според тоа, финансирањето на претприемачките бизниси (стартапи, мали и средни претпријатија) во македонската економија треба да се подобри со ревитализирање на дијалогот меѓу државните институции, банките и претпријатијата или со комбинирање на повеќе мерки.

За цели на ревитализирање на дијалогот меѓу државните институции, банките и претпријатијата, претприемачите мора да се спреми, или ако милувате со други зборови, претприемачите мора да ги проучуваат новите начини за стекнување на финансиски средства, да ја подигнат свесноста во ситуации кога се има потреба од пари и да се прави проценка на можноста за навремено враќање на средствата/кредитите.

Да илустрираме со пример од нашата пракса. Имено, кога се говори за потреба од пари, нема подобра и поактуелна илустрација од тематиката за буџетирањето. Во насока на тоа, даваме алатка за унапредување на комуникацијата на претприемачите и кредиторите.

Beyond Budgeting“ (надвор од традиционалното буџетирање)

Поборниците на овој пристап укажуваат особено на недостатоците на традиционалниот контролинг, како што е почитувањето на статичкиот буџет. Се сеќавам на еден пример, една македонска производна компанија идентификувала неочекувана можност за продажба во Косово, но не можела да ја реализира, поради тоа што буџетот за маркетинг веќе бил предвиден и потрошен за територијата на Србија, иако тоа не било воопшто потребно.  

Сепак, овој пример само го покажува погрешниот начин на работење со традиционалното буџетирање. Тоа не значи дека во секој случај треба да се напушти традиционалното буџетирање, но означува дека треба да се промени начинот на користење на контролорските алатки. Компанијата мора да подготви прогноза за можностите за продажба на различни пазари. Во тој случај, буџетот за маркетинг мора да се приспособува и да се насочува во зависност од очекуваната можност за продажба. Јас сум на мисла, секој што слепо се придржува на статичен буџет, едноставно прави грешка.

На крај, сакам да подвлечам дека финансиската писменост им помага на македонските претприемачите да прават разлика меѓу желбите и потребите, како и меѓу краткорочните и долгорочните инвестиции.

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт 


Можеби ќе ве интересира

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Попис за отпис од Македонија!

Попис за отпис од Македонија!

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот