15 Мај, 2024
0.0379

Се организираат ВЛАДИМИСРКИ ИЛИНДЕНСКИ СРЕДБИ 2015

Објавено во: Стил 30 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Во с. Владимирово ( Берово) од утре 31-ви јули, заклучно со 2-ри август ќе се одржи тридневна манифестација под името ВЛАДИМИРСКИ ИЛИНДЕНСКИ СРЕДБИ.

Организаторот на манифестацијата - Здружение Владимирски Илинденски средби, најавува богата културно-уметничка и забавна програма. Главно место за одвивање на програмските активности е м.в Мегдан во центарот на селото, каде во вечерните часови на сцена ќе настапат играорни друштва, дувачки оркестри и вокално инструментални состави. Специјални гости се Сузана Спасовска, Виданка Георгиева, Горан Алачки и Панче Алачки. Посебна атракција ќе биде настапот на странски гости – ученици на Горан Алачки кои ќе исполнуваат малешевски фолклорни песни на традиционални инструменти. Во тек на вториот ден се одржува Илинденски турнир во мал фудбал.

Оваа година, ќе се отвори и постојана изложба под името "Културно историска одаја – Огледало на владимирската гордост", каде посетителите ќе имаат можност да видат документи, предмети, книги и фотографии кои говорат за историјата и потенцијалите на село Владимирово кое го носи епитетот – СЕЛО НА УЧЕНИ ЛУЃЕ.

Централниот настан е одбележувањето на Илинден, кое традиционално години наназад, на 2ри август, се одвива на блискиот рид м.в. Шилеви оградни.

Специфично е дека токму за Илинден, сите жители на Владимирово расселени низ различни краишта на Македонија и светот, се повикуваат со пораката "За Илинден, дека да си, дома да си", па покрај месното население, селото се полни со роднокрајци од сите возрасти, од различни градови и земји. На овој сенароден собир, добредојдени се и гости кои ќе имаат несекојдневна можност да учествуваат во една вистинска атракција.

Присутните ќе се запознаат со ретките обичаи на овој крај: Домашни "прекадени"погачи кои се делат за здравје и традиционален Илинденски ручек – курбан готвен на ридот од рани утрински часови, во котли на дрва. Денот започнува со Свечена Архиерејска Литургија во малата црква Св Илија, а завршува со најголемото оро во Малешевијата под звуците на зурли и тапани.

На овој начин прекрасното живописно село Владимирово ја негува својата традиција, ги одржува контактите со роднокрајците, ги јакне потенцијалите за развој и ја пренесува пораката за добробит, слога, заедништво и чување на семејните вредности со гордост кон потеклото.