Се отвори базенот во Аеродром, забавата почна!
Објавено во: Мои пари 03 Јули, 2013
Градоначалникот на општина Аеродром, г-дин Ивица Коневски со денешното пресекување на лентата го означи официјалниот почеток на работењето на базен Аеродром, кој од оваа година функционира под палката на општината.
„Ми претставува чест што денес официјално го пуштаме во употреба базенот „Бисер“, кој е целосно реконструиран. Станува збор за обновување на коритото на базенот и тоалетите, како и изградба на нов угостителски објект. Тоа значи, отсега граѓаните ќе можат да уживаат во подобри услови од порано. Ме радува фактот што фирмата Софтејџ освен што го реконструираше базенот, воведе и многу нови содржини, така што отсега граѓаните ќе можат да добиваат часови по пливање, ватерполо, а ќе се одржуваат и натпревари во одбојка, како и забава за најмладите. Се надевам дека посетеноста ќе биде поголема од порано и базенот ќе стане омилено место за разладување на граѓаните од летните горештини, место на кое ќе можат да се освежат и да се релаксираат“, вака денес се обрати градоначалникот на Општина Аеродром, г-дин Ивица Коневски.
Забава со Дј Бабура, Дј Боби и Дј Бранчес, зумба во вода со Топ Форма, натпревар на ватерполо репрезентацијата, одбојка на песок со женскиот тим на ОК Работнички и уште неколку интересни изненадувања се дел од денешната програма на базенот Аеродром, по повод свечениот старт на сезоната. Забавата, која започна во 11:00 часот е планирано да трае до 20:00 часот, а тимот на базенот Аеродром ги пречекува гостите со гратис освежителен пијалок.
Сезоната на базенот ќе трае до крајот на месец септември. Базенот работи секој ден, со работно време од 08:00 за пливачки клубови, од 10:00 до 18:00 часот за граѓаните, а наскоро ќе се стави во функција и ноќното капење така што работното време на базенот ќе биде до 01:00 часот.