05 Мај, 2024
0.0250

Секоја државна компанија да котира на берза, јас сум радикална: Ексклузивно интервју со директорката за Загребска берза Ивана Гажиќ

Објавено во: Економија 23 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Нашата стратегија е да ги развиваме локалните пазари на начин на кој тие можат успешно да одговорат на сите барања на националната економија и да овозможиме финансирање на компаниите во сите развојни фази, вели во ексклузивно интервју за Фактор, Ивана Гажиќ, директорката на Загребската берза, неизвршен член на Одборот на директори на Македонска берза. Иако досега требаше да финишира процесот со кој Загребска берза станува сопственик на уште 276 акции издадени од Македонска берза, со што берзата од Загреб ќе поседува 15,19 отсто, провлекувањето на стечајниот процес на Еуростандард банка, поранешен акционер во Македонска берза од кој Загребската берза ги купи акциите, сепак не дозволува процесот да се заокружи. Гажиќ сепак вели дека има надеж дека тоа ќе биде насокоро, а таа и менаџментот на Загребска берза имаат визија за дополнителен раст и на берзата во Скопје за која вели дека одржлива и профитабилна компанија. Тврди дека двата пазари се многу блиски, но и дека консолидацијата е развоен пат не само за помалите туку и за глобалните поголеми пазари на капитал. Сепак прашувам кој е нивниот интерес да го зголемуваат учеството во Македонска берза во овие услови?

Гажиќ: Ние секако се надеваме дека процесот на продажба на пакетот акции во стечајната постапка на Еуростандард банката, којашто беше еден од поголемите акционери на Македонска берза, ќе заврши што е можно поскоро. Веќе двапати поминавме низ многу комплексен процес на добивање на согласност за купување на овие акции од страна на Комисијата за хартии од вредност, а со оглед на тоа дека добиената согласност според закон важи 90 дена, се надеваме дека нема да има потреба да поминуваме низ истата постапка и по трет пат. Тоа секако би било значело дополнителна работа и трошок и за нас и за Комисијата.

Македонскиот пазар на хартии од вредност ни е навистина близок и нашата соработка трае со години. Досега одлично сме соработувале на бројни проекти и увидовме дека Македонска берза е многу добро организирана компанија којашто, меѓу другото, успешно одговара на се’ поголемите регулаторни барања со кои се соочуваат сите берзи во Европа. Ние во Хрватска успешно ја поминавме имплементацијата на директивите MIFID I и MIFID II, а целиот процес на прилагодување само што не започнал за  учесниците на македонскиот пазар на хартии од вредност. Овој процес значително го менува пазарот и начинот на кој учесниците треба да ја организираат својата работа и затоа предизвиците што се пред нив се големи. Се надеваме дека во секој случај ќе можеме да помогнеме во успешно спроведување на овој процес.

Поконкретно, нашата стратегија е да ги развиваме локалните пазари на начин на кој тие можат успешно да одговорат на сите барања на националната економија и да овозможиме финансирање на компаниите во сите развојни фази. Нашето ширење и поврзување со регионалните берзи започна  во 2015 година со купување на 100 отсто од Љубљанска берза од Виенска берза. Откако ја купивме оваа берза, значително го зголемивме бројот на вработени и пренесовме многу знаење и услуги од Загреб во Љубљана. Нашата експанзија во суштина ги зајакна и двете берзи и овозможи одредени синергии.


Зошто го одбравте токму овој момент, како ја донесовте одлуката, дали е ваша стратешка цел или околностите ја наметнаа?

Гажиќ: Нашето приближување до Македонска берза од деловен аспект започна пред многу години, а во декември 2019 година стана и поконкретно, сопственичко, кога се стекнавме  со 5,3 отсто од акциите. Кога неодамна се укажа можност за купување на пакетот акции од стечајната постапка на споменатата банка тоа беше прилика за зголемување на нашиот сопственички удел, имајќи предвид дека поврзувањето со другите пазари е наша стратешка цел. 

Кога очекувате процесот да се заокружи?

Гажиќ: Искрено, очекувавме дека процесот на продажба на акциите веќе ќе биде завршен. Затоа и ја започнавме постапката за добивање на согласност од Комисијата за зголемување на сопственичкиот удел во Македонска берза на почетокот на годината. Понатамошното пролонгирање на продажбата на акциите сигурно ќе биде дополнителна оперативна работа за нас. Не би сакале да помислиме дека ова пролонгирање има врска со нашата намера. Ние избравме во овој процес да бидеме максимално транспарентни, ги обезбедивме сите одобренија и имаме финансиските средства за купување на акциите, односно сме 100 отсто подготвени. Оттука, се надеваме дека до моментот на склучување на трансакцијата не дели многу малку време. 

Дали планирате да го зголемувате учеството и во следниот период или евентуално тоа да го правите со зголемување на капиталот во некои регионални берзи?

Гажиќ: Загребската берза е котирана компанија - од 2016 година нашите акции котираат на Загребската берза и ние ќе ги информираме нашите акционери и јавноста за нашите намери, доколку ги има, на начин како што тоа го правевме и досега - преку интернет страната на нашата берза.


Вие сте акционер во Македонска берза од 2019, како ја цените досегашната работа на берзата, резултатите и што треба да се промени сега веќе кога ќе имате поголем капитал? 

Гажиќ: Како што веќе споменав, Македонска берза е многу добро организирана и компетентна компанија. Се запознав со целиот тим на Македонска берза и сум многу задоволна од нивната стручност, професионалност и посветеност на она што го работат. Сметам дека реагираа многу соодветно во кризниот период после 2008 година и го прилагодија своето работење на начин што овозможи и во тие околности да имаат завидно ниво на профитабилност. Треба да се нагласи дека сите пазари во регионот се соочија со слични проблеми - намалени промети, пад на бројот на членки – банки и брокерски куќи, недостаток на нови емисии, котации и приватизации. Компаративно гледано, Македонска берза и во вакви околности е една одржлива и профитабилна компанија.

Не гледам потреба да се менува нешто. Законски, а и согласно нашата пракса како сопственици, управата на Берзата е независна, компетентна и во вистинска смисла на зборот одговорна за работењето на берзата. Ваквата пракса е имплементирана во сите регулативи поврзани со берзанското работење, со цел да се обезбеди независност на управата, а нејзиниот избор е внимателно мониториран од регулаторот. Ние, како сопственици на берзата во Словенија и косопственици на берзата во Македонија, апсолутно го поддржуваме овој пристап и имаме намера да ја продолжиме оваа пракса и понатаму. 


Функционирате на поголем пазар - хрватскиот, како може да се развиваат во следниот период и двата? Потребна ли е либерализиација на пазарот и како да се изврши?

Гажиќ: Максималниот фокус на сите берзи е да донесат што повеќе компании на берзата. Причината не е само да имаме „повеќе работа“ за нас – туку целта е многу поширока. Економијата која има силен и развиен  пазар на капитал многу полесно и побрзо излегува од било каква криза. Причината лежи во фактот дека во време на криза банките ја намалуваат достапноста на кредити, а самите компании се помалку кредитоспособни. Во такви услови потребниот капитал за раст и развој на компаниите може да се обезбеди само преку берзата, односно преку берзата од инвеститорите.  Друга многу важна причина е транспарентноста - јас сум тука многу радикална и во Хрватска се залагам апсолутно секоја државна или голема компанија да котира на берза, за да се информира јавноста за нивното работење и на тој начин да се намалат ризиците за целата економија. Случајот со Агрокор е познат нашироко, кога токму поради овие причини се појавија значителни проблеми за хрватската економија. Според мое мислење, овој случај можеше многу лесно да се превенира доколку акционерите на концернот беа навремено и точно информирани за тоа што се случува во компанијата. И, конечно, влезот на нови сопственици во компаниите, особено на пазарни лидери во индустријата во која се работи компанијата ја зголемува долгорочната одржливост на таа компанија. Покрај сопственоста, се случува и голем трансфер на знаење, што секако е многу важно за целокупната економија.

Пазарот на хартии од вредност е дефинитивно високо регулиран, но има добри причини за тоа. Секоја регулатива е реакција на настани каде што инвеститорите изгубиле пари, биле жртви на некој скандал и слично. Што значи нерегулиран пазар во моментов можеме многу убаво да видиме на пазарот на криптовалути каде што инвеститорите се изложени на огромни ризици во поглед на осцилаторноста на цените, но на крајот на краиштата и на сигурноста на нивните сметки или вложувања. Значи, либерализацијата нема да се случи и не треба да се бара - затоа што регулативата е тука за да ги заштити инвеститорите. 


Пазарот на капитал во земјава е во некоја летаргија подолг период и покрај тоа што има компании со добри резултати. Генерално пазарите страдаа од пандемискиот притисок, кои се вашите очекувања за овде?

Гажиќ: Се зависи кои се вашите очекувања од пазарот. Доколку очекувате слични перформанси на вашиот пазар како на големите пазари – тоа веројатно е преамбициозно поради одредени инхерентни автономни фактори што влијаат и на економиите и на општествата во целина во нашиот регион. Доколку гледате компаративно и регионално, како што веќе претходно нагласив, македонскиот пазар и вашата берза се навистина конкурентни имајќи ги предвид дадените големини на вашата економија и држава. Секако, постои латентен потенцијал за дополнителен раст на македонскиот пазар на капитал – споредете го процентот на учество на пазарната капитализација во БДП или т.н. брзина на обрт на прометот на вашите главни акции во однос на нивната капитализација наспроти истите индикатори на развиените пазари. Токму тој потенцијал на македонскиот пазар е она што ни е нам интересно од бизнис аспект.


Во Македонија милијарди лежат како депозити во банките, а нема инвеститори на берза. Дополнително во експанзија е купувањето недвижнини, но не и акции. Зошто македонскиот пазар на капитал е сиромашен со финансиски инструменти?

Гажиќ: Многу слична е ситуацијата и во Хрватска. Депозитите постојано растат, а освен тоа имаме значителни заштеди во II и III столб на пензиските фондови. Секоја добра можност за инвестирање што се појавува на пазарот е целосно финансирана без никакви проблеми. Токму оваа година на Загребската берза имаме зголемување на бројот на котирани инструменти. Значи, главниот проблем на пазарот е на страната на понудата, односно недостатокот на нови котации. За ова да се случува многу се важни финансиските советници кои треба да ја подготват компанијата за берза и да и помогнат да се презентира пред инвеститорите.

Инвестирањето во недвижен имот е исто така карактеристика на хрватските инвеститори. Делумно причина е даночниот третман (немаме данок на имот), но во најголем дел оваа состојба е поврзана со културолошки и традиционални причини. Недвижниот имот е секако привлечен, но треба да се има предвид дека е многу помалку ликвиден, особено во случај на брза потреба од пари или колапс на пазарот на недвижнини. Минатата година имавме два многу силни земјотреси во Хрватска и за еден ден вредноста на многу имоти беше избришана - и тоа е нешто на што треба да се размислува кога се инвестира во недвижен имот.

И, на крајот, прашањето на сите прашања - зошто имаме недостаток на инструменти на пазарот на капитал. Тука секако би нагласила дека поддршката од државата е неопходна во процесот на доведување на компаниите на пазарот. Како што реков, тоа е во интерес на државата затоа што ако има развиен пазар на капитал, може да смета на финансирање на економијата во време на криза. Помошта може да има различни форми - котација на државните компании, поволен даночен третман на инвестициите на берза, субвенционирање на трошоците за котација, обезбедување средства за финансиска анализа на компании итн. Исто така, клучна е едукацијата на компаниите, но и генерално подигнување на нивото на финансиска писменост на сите граѓани.


Многу акционерски друштва не го користат главниот бенефит од пазарот на капитал, а тоа е да се финансираат преку емисија на акции. Едноставно нема примарен пазар на капитал? Како да се промени ова?

Гажиќ: На компаниите постојано и внимателно треба да им се објаснува зошто капиталот има предност во однос на долгот. Долгот е дизајниран за органски раст, поради што банките нудат ограничени извори на средства и бараат многу силни инструменти за обезбедување. Капиталот, од друга страна, нуди многу повеќе: тој е неповратен, може да биде поголем од износот на кредитот, го зголемува потенцијалниот финансиски левериџ, бара компанијата да има развиен систем на корпоративно управување, го зајакнува угледот и имиџот на компанијата во јавноста и дава потенцијал за големи исчекори во работењето – како што е можноста за меѓународна експанзија, аквизиции и слично. Компаниите се тие кои ја избираат и формулираат нивната стратегија, а следствено и начинот на кој ќе се финансираат. Ова се се’ елементи кои влијаат на формирањето на примарниот пазар.

Покрај компаниите, важно е да постои развиена мрежа на инвестициски советници кои ќе ги советуваат компаниите во овој процес. Добрите инвестициски приказни, особено ако доаѓаат од атрактивни индустрии, сигурно ќе привлечат голем број инвеститори, ќе донесат живост на пазарот и последователно ќе привлечат и други компании да котираат на берзата.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

СРБИТЕ ОДАТ НА СЕЗОНСКА РАБОТА ВО ХРВАТСКА: Зошто оваа земја е примамлива за нив?

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ХРАНАТА ВО СВЕТОТ ПОСКАПУВА: Шеќерот поевтини поради позитивни сигнали од три земји

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ВАЛУТИ: Зошто паѓа вредноста на доларот во однос на јенот?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

ИЗБЕГАА ОД МОБИЛИЗАЦИЈА: Зошто Русите сега се враќаат дома?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

НАЈБОГАТИ ЛУЃЕ ВО СВЕТОТ: Kaде на листата е Илон Маск?

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години