СЕВЕРНА КОРЕЈА ИСПУКА ТРИ РАКЕТИ: Која беше целта?
Објавено во: Свет 26 Август, 2017
Северна Кореја утрoво испука три балистички ракети со краток дострел во Јапонското Море.
Сите три лансирања се спроведени во рок од 30 минути.
Ова го објави американската војска потврдувајќи го „лансирањето неидентификувани проектили“ кое претходно го објави јужнокорејското Министерство за одбрана.
Севернокорејското тестирање се случи во екот на заедничките воени вежби на американските и јужнокорејските воени сили.
Ниту една од ракетите, лансирани од севернокорејската база Китаерјонг, не претставувала закана за САД или американската територија Гуам, вели портпаролот на командата на американската војска во Тихиот Океан.
„Првата и третата ракета имаа технички тешкотии при летот“, а изгледа дека „втората експлодирала речиси истиот момент“ по лансирањето“- рече портпаролот, командирот Дејв Бенам.
Според јужнокорејското Министерство за одбрана, лансирањата почнале во 6:49 часот по локално време утринава, а проектилите прелетале околу 250 километри.