ШПАНСКИТЕ ВЛАСТИ И ДАДОА РОК НА КАТАЛОНИЈА: Имаат пет дена да одлучат
Објавено во: Свет 11 Октомври, 2017
Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон има пет дена да се изјасни дали прогласил независност или не.
Овој рок му го дадоа властите од Мадрид. Шпанскиот премиер Маријано Рахој претходно денеска ја отфрли можноста за преговори со каталонските власти за решавање на кризата и повика на почитување на шпанскиот закон, наведувајќи дека „не е можно посредување меѓу демократските закони и непослушноста и нелегалните активности“. Рахој рече дека Мадрид од каталонската влада бара да „потврди дали прогласила независност“ и дека „намерно се предизвикува конфузија“.
Ако Пучдемон потврди дека во вчерашниот говор во парламентот прогласил независност, ќе му бидат дадени три дена за да ја „исправи таквата одлука“. Ројтерс објави дека ако не се случи тоа, ќе биде активиран членот 155 од Уставот.
Пуџдемон вчера изјави дека тие ниту се крадци, ниту сакаат да направат државен удар, туку бараат да бидат почитувани, а волјата на народот е да добијат самостојност.
Тој се изјасни дека сака преговори со Мадрид по ова прашање.