Што бара Макрон од муслиманите?
Објавено во: Свет 21 Јуни, 2017
Францускиот претседател, Емануел Макрон испрати важна порака до муслиманите во неговата земја.
Тој ги повика исламските лидери во Франција да се придружат на „борбата против проповедниците на омразата“ и „гетоизацијата“.
Првпат во последните десет години француски претседател учествува на годишниот ифтар кој го организира Францускиот исламски совет (ЦФЦМ), тело кое ја застапува втората по големина религија во Франција.
Макрон им се заблагодари на муслиманските лидери што ги осудија џихадистичките напади во кои од јануари 2015 во Франција беа убиени 239 луѓе.
Тој вели дека државните и муслиманските власти треба да се „обединат во борбата“.
„Нашата решителна борба против Даеш мора да нѐ поттикне решително да продолжиме да ги прогонуваме оние кои вашата побожност сакаат да ја претворат во место од каде ќе проповедаат омраза, па и да повикуваат на насилство. Таа битка на полето на знаењето и верата треба да продолжи на терен, особено меѓу младите. Другата битка ќе се води против проповедањето ислам што предизвикува поделби во самата Република: мора внимателно да пазиме на сѐ што создава облици на гетоизација“ - вели Макрон.
Францускиот претседател додава дека третата битка ќе се води на полето на образование на имамите кое мора да се организира на француско тло и на начин кој ќе одговара на вредностите на Републиката.