Што се до сега е „замрзнато“ од имотот на „Трансмет“ и „Силекс Неметали“
Објавено во: Економија 26 Јули, 2018
Според информациите од Кривичниот суд, до кои дојде „Независен“, засега привремено е замрзнат имот во износ од околу 15 милиони евра на компаниите „Трансмет“ и „Силекс Неметали“, по пресудата на затворските казни за Сеад Кочан и Василие Авировиќ во случајот „Труст“.
Според неофицијални информации, засега нема замрзнато личен имот и сметки. Замрзнати се градежни машини, возила, камиони и слично во износ од близу 7 милиони евра. Освен машините и возилата, ставена е хипотека на недвижни имоти, во вредност од околу 8 милиони евра, меѓу кои и хипотека на земјиштето на кое се наоѓа ТВ „Нова“.
„По барање на надлежен обвинител, со решение на судија на претходна постапка е определена привремена мерка - забрана за отуѓување и располагање со ставање на хипотека на недвижни имоти, меѓу кои ставање хипотека и на земјиштето на кое се наоѓа ТВ ‘Нова’, а во вкупен износ од 8.011.108 евра. Исто така е определена привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со подвижен имот, а кој се однесува на машини за механизација, возила, камиони и сл. во износ од 6.924.952,58 евра“, велат од Кривичниот суд.