ШТРАЈК ВО ПОШТА: Ќе се примаат само одредени пратки, 2.200 вработени против менаџментот
Објавено во: Економија 14 Април, 2022 07:15
Денеска со почеток од 8 часот треба да почне штрајкот на вработените во АД „Пошта на Северна Македонија. Како што беше најавено причините за штрајкот е, како што велат неизвесната иднина на над 2.200 вработени и иднината на компанијата и неоствареното барање за линеарно зголемување на платите од 3.000 денари. Се бара гаранција за зачувување на работните места, редовна плата и нова систематизација.
Од Синдикатот велат дека голем број од вработените добиваат плата од само 17.000 денари. Во време на штрајкувањето вработените ќе ги извршуваат само оние услуги од поштенскиот дел како судски препорачани пратки, пратки за прекршоци и пратки за одбрана и безбедност. Сите останати видови на услуги ќе бидат во мирување. Поштенските единици ќе бидат отворени за извршување на услугите на физичките и правни лица. Се тврди дека штрајкот го поддржуваат над 90 отсто од вработените.
Менаџментот на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, вчера попладнето во очи на најавениот штрајк од двете синдикални организации соопшти дека поднел иницијатива за започнување на постапка за мирно решавање на работниот спор.
„Во очекување на спроведување на постапката за помирување, во законски утврдениот рок, кое е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, доколку синдикалните организации се одлучат да стапат во штрајк, сакаме да информираме дека АД „Пошта на Северна Македонија“ ќе обезбеди целосно почитување на член 49 од Законот за поштенските услуги, согласно кој сме должни да обезбедиме прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенските пратки, што се користат во судски постапки, административни постапки, постапки во врска со прекршоци и препорачани поштенски пратки, пренос, сортирање и дистрибуција на препорачани поштенски пратки за потребите на одбраната и безбедноста, како и препорачани пратки и пратки со означена вредност што се собрани пред почетокот на штрајкот, соопштија од Пошта.
Согласно добиеното мислење од Агенцијата за пошти, препорачано е во домашниот и меѓународниот поштенски сообраќај да се обезбеди извршување на услугите од почеток до крај, во сите фази (прием, пренос, сортирање и дистрибуција).
Вчера дел од приватните пошти се понудија да извршуваат дел од пошетнските услуги додека има штрајк во Пошта.
Прво имаше закажано протест на 20 март но тој беше ставен во мирување поради преговори во кои се вклучи и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Сепак тие пропаднаа.
Инаку како што веќе објавивме Владата на 28 декември лани исплатила 91 милиони денари, или 1,5 милиони евра за работењето на државниот поштенски оператор. АД Пошта доби пари од Владата и во 2020, годината која ја заврши со загуба иако заради корона кризата и беа одобрени субвенции во износ од речиси 2 милиони евра.
А.Т.
Можеби ќе ве интересира
Синдикалната минимална кошница во декември зголемена на 65 492 денари
ЕСМ бара од Владата да прогласи кризна состојба, опозицијата смета дека тоа е поради рекордните загуби
Истражување: Европските компании во работниот процес се повеќе ангажираат „аутсорсинг“
Заменик-министерот Јанкуловски: Македонија ќе ја заврши 2025 година со јавен долг од 10,2 милијарди евра
Европа половина од природниот гас го купува од Норвешка
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?




