СИТЕ ОЧИ ВПЕРЕНИ КОН НАРОДНА БАНКА - ќе има ли ново одложување на кредитните рати
Објавено во: Финансии 25 Август, 2020
Како наближува први октомври, од кога плаќањето рати кон банките ќе треба да се врати на старо, така граѓаните се прашуваат дали ќе има ново одложување.
Ова следува откако почнувајќи од април, па заклучно со крајот на септември, граѓаните кои тоа го побараа, беа ослободени од отплата на кредитните рати кон банките, поради лошата економска состојба предизвикана од ковид 19.
Во јвноста се зборува дека монетарните власти разгледуваат опција за повторно одложување, односно за продолжување на оваа мерка.
Оваа недела е можно да се одржи состанок меѓу НБМ, банките, но и други надлежни институции, а дали ослободувањето ќе се пролонгира за уште шест месеци, би се знаело следната недела.
Од НБМ го повторуваат својот став кој го имаа и претходно, а тоа е дека постојано ги следат состојбите.
„Подготвени сме соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности. Во тек се анализи, врз основа на кои наскоро ќе се заземе став по однос на ова прашање, водејќи сметка и за потребите на граѓаните и за стабилноста на банкарскиот систем“, е ставот на НБМ.
А банките, и покрај корона кризата, во првото полугодие од годинава, работеле профитабилно.
Последните бројки на НБМ покажаа дека од јануари до јуни годинава сите македеонски банки оствариле вкупен профит од 44,5 милиони евра, што е за 13 и пол милиони евра помалку од 58 милиони евра, колку што во првото полугодие лани профитирале македонските банки.
Нето приходите од камати во првото полугодие од годинава не само што не се намалиле, туку и се зголемени за околу 500 илјади евра. Во однос на лани намалени се и прходите и расходите за камати, но нивната разлика е поголема и тоа ги зголемува нето приходите од камати, што е поповолно за банките.
Н.Н.Ф.