13 Мај, 2024
0.0255

Скромна трпеза или богата софра?! Ноември-месец на празнувања и семејни слави!

Објавено во: Мои пари 10 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Долга зима ги чека граѓаните, особено оние кои покрај сметките, трошоците за храна и облека на списокот за трошење овој месец ќе ги додадат и финансиските средства кои треба да ги издвојат за семејните слави. Ноември, месецот на најмногу православни празници кои најголем број од христијански семејства ги празнуват како именден или семејна слава ќе го истенчи и онака тенкиот домашен буџет. Дел од граѓаните велат нека е на арно, за куќната слава ќе наврти господ, но минусните салда во сметките го кажуваат спротивното. Па така едни го трошат и последниот денар за да го поминат редот, други трошат и повеќе од она што заработуваат, а трети пак прават вистински манифестации и фешти, одејќи до таму што семејната слава ја селат во ресторан. “Искрено да ви кажам по десетина години празнување на домашна слава,која инаку ја наследив од мојот дедо, се решив гостите да ги прачекам во еден од скопските ресторани. На прва мисла се беше поедноставно, нема набавки , припреми, готвење, сецкање, позајмување столици и маси од соседи. Така и се случи гостите си дојдоа, се опуштија , но како што поминуваа часовите почуствував дека нешто ми недостасува, нешто што не може да го почуствува оној кој славата, именденот или било кој ден го празнува онака вистински. Го немаше оној домашен амбиент , онаа топлина која го дава домашното огниште, па и не бадијала од памтивек се нарекува нели домашна или куќна слава. А, ако ме прашате за математиката, ич да не зборам, да не ме фати некој грев, ама сумата беше со 5 цифри или за 5 пати поскапо од предходните слави, а што би рекла мојата сакана " јас поубаво ќе ти спремев и сервирав , ама ти така си сакаше". Од тогаш си ветив дека домашните слави ќе си бидат организирани во домот. Сепак, овој планиран трошок ќе ни однесе добар дел од две-три плати, па така ќе си ги подмируваме сметките следните неколку месеци.Но, за убаво. ” -вели П.И од скопската населба Аеродром. Има ли секој пари за слава? И додека секој во зависност од длабочината на џебот ја одбележува семејната слава во чест на светецот-заштитник на домот и куќата, ретко кој се сетил на оние кои крпат крај со крај и кои незнаат што ќе им донесе новиот ден, без топла храна и облека. А, тоа вели отец Томе од Скопската Архиепископија е основната смисла на славењето-да се подели со луѓето. “Најбитно е луѓето да не заборават на елементите без кои не може да се одбележи славата, лебче, вино, пченица и свеќи , другото додатно треба да биде скромно, не толку помпезно за да се засени она црковното и световното, кое и не приличи на празнувањето. Траба да се има мерка и во овие празнувања, тогаш може да се претера и со алкохол, па се нарушува светоста и достоинството на прославата на празникот. Чест треба да се оддаде на светителот кој е заштитник на домот и семејството, треба нему да му обрнеме внимание. Јас долги години сум свештеник и знам што е смислата на домашната слава, достоинството и заслугата на светецот кој го славиме, неговиот светителски лик. Може во негова чест да нахраниме некое сиромашно семејство, некои кои немаат облека, да им се помогне во парична смисла и тоа има поголем ефект, отколку да се најадеме и напиеме и да заборавиме на оние кои немаат. Прославувањето на семејните слави не е само јадење и пиење, туку почитување на светителот, црквата, богослужбата и секако правење на добри дела. Кај нас традиционално секоја прослава и одбележување на некој настан се прави со изобилие. Тоа не е црковна потреба и не е неопходно за да се направи почит на еден светител или заштитник на домот. Јас како свештеник среќавам и многу скромни одбележувања, но и премногу помпезни од друга страна. Се зависи од материјалната состојба и од семејниот буџет но и од свеста на луѓето кои не треба да заборават на хуманоста и добрината” -вели отец Томе од соборниот храм “Св. Климент Охридски”. Празнувањето на славите - вековна традиција Празнувањето на семејните слави има вековна традиција. Порано постарите пречекувале многу гости, знани и незнани пријатели кои токму за овој ден доаѓале на гости во домот, кој не смее да ги затвори вратите за ниеден добронамерник. Денес, се почесто кругот се стеснува на најблиските роднини и пријатели и тоа најчесто поради лошата економска состојба која луѓето ги направи позатворени за комуникација и дружење. Семејните слави се карактеристични за есенскиот период- вели д-р Марко Китевски, научен советник во Институтот за македонска литература. Тој долги години посветил на проучување на македонските празници и народната култура. Вели, дека семејната слава е врзана за огништето, и отткука нејзиното празнување треба да биде во домот-олицетворение на хармонијата и топлината. Смислата на празнувањата е да ги собере и зближи на едно место роднините и пријателите и да ја зајакне меѓусебната почит и доверба. “Семејната слава се врзува за домот бидејќи светецот кој се слави е заштитник на тој дом, во куќата има негова икона и славите се во негова чест. Славењето во кафеани можеби е сега нова мода, но таа не е поврзана со традицијата. Модерното време можеби носи и поголема можност за избор, но ако сакаме да ја почитуваме традицијата, таа нема допирна точка со помпезност или премногу трошење околу празникот. Според можностите и желбата на домаќините но со почит кон домот и светителот. Празниците и славите започнуваат со Петковден и потоа од поголемите празници што се поврзани со слави се Митровден, Св Архангел, Св Врачи, потоа празниците посветени на Св Ѓорѓија, Св Мина. Во есенскиот период има повеќе вакви празници кои се викаат слава или служба, некаде и ден. Некои го викаат ден Митровден да речеме, некои го викаат служба, бидејки на тој ден му се служи на светитетелот-заштитник на куќата и семејството. Во минатото се празнувало на самиот ден, но и вечерта спроти денот-заслуг или кана, заслуг од заслужување или кана од канење, бидејќи поблиските роднини се канеле со специјални лепчиња, кравајчиња или проскури, а на ваквите празници се оди и неканет на гости. Се оди вечерта спроти празникот, дента на ручек, на вечера или следниот ден на патерица што се служи во чест на жезолот или патерицата на светителот. На овие празници во домот или во црква свештеникот осветува леб, вода, вино и пченица. Житото како симбол на воскресението, виното симбол на крвта Исусова, лебот -телото христово. Свеќите даваат светлина и ја симболизираат Господовата светлина и топлина. Големата свеќа се вика лобада и таа се употребува во обредите за слава и во свадбените обичаи. Темјанот-миризливата смола со карактеристичен мирис се користи за да се бркаат и прогонуваат демоните. Македонецот не жали пари за слави Голем број научници кои пишуваат и работат на проучување на семејните празници велат дека се смета, тие што се домашни празници, далечните предци на семејството кое ја слави славата го примило христијанството и тој светец го имаат како светец заштитник. Порано со славата бил поврзано и давањето на курбан -колење на курбан , но свештениците имаа негативен однос кон курбанот-крвната жртва, бидејќи во христијанството последна крвна жртва е Исус. Затоа, крвната се заменува со бескрвна жртва -пченицата и виното. Во книгата на Кирил Пејчиновиќ “Огледало” се пишува против суеверието и курбанот, и затоа после оваа книга многу луѓе и свештеници што учествувале во тој обред се откажале, бидејќи оваа книга извршила влијание врз нив. Меѓутоа кога ќе се случела некоја несреќа во семејството луѓето ја поврзувале истата со курбанот, па често го враќаат овој обред повторно во употреба. ”-вели д-р Марко Китевски. Стандардот и нивото на куповната моќ во Македонија е пониско во однос на другите земји, па кога ќе се споредат приходите, платите, цените и трошоците се прави една поинаква структура на трошењето. Македонскиот граѓанин, велат социолозите е научен на скромност, не се расфрла многу, но кога се во прашање слави, семејни веселби, свадби, крштевки, сунети, го прави тогаш да не жали за пари. Тогаш дури и позајмува, ако треба и кредит ќе земе, а како ќе се враќа потрошеното ќе размислува следните месеци. За скромно одбележување на една слава, велат граѓаните, сигурно од семејниот буџет треба да се издвои една просечна плата, а за малку побогата трпеза барем двапати повеќе. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Денеска се одржа 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10км“ 1650 учесници застанаа на старната линија

Денеска се одржа 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10км“ 1650 учесници застанаа на старната линија

БРАКО ЌЕ ПРОМОВИРА НОВО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО НА САЕМ ВО МИНХЕН

БРАКО ЌЕ ПРОМОВИРА НОВО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО НА САЕМ ВО МИНХЕН

Реализирани 200 бесплатни дермоскопски прегледи на бенки со Mole mah HD

Реализирани 200 бесплатни дермоскопски прегледи на бенки со Mole mah HD

Децата е најважно да ги научиме да размислуваат

Децата е најважно да ги научиме да размислуваат

НАЈПОСАКУВАНИОТ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН СКОРО 21 МИЛИОН ДЕНАРИ ГО ОСВОИ ИГРАЧ НА ВЛТ ВО ТЕТОВО

НАЈПОСАКУВАНИОТ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН СКОРО 21 МИЛИОН ДЕНАРИ ГО ОСВОИ ИГРАЧ НА ВЛТ ВО ТЕТОВО

Халкбанк и Литера: Заедно за културен процут и креативна инспирација

Халкбанк и Литера: Заедно за културен процут и креативна инспирација

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОДЕЛИ БЛАГОДАРНИЦИ И НАГРАДИ ЗА НАЈХУМАНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ДОДЕЛИ БЛАГОДАРНИЦИ И НАГРАДИ ЗА НАЈХУМАНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

Истражување од Шведска: Високата употреба на никотин не е клучен фактор во развојот на болести поврзани со пушењето

Истражување од Шведска: Високата употреба на никотин не е клучен фактор во развојот на болести поврзани со пушењето

А1 Македонија ја дополнува понудата со услуги за помош во домот во соработка со „ORYX Assistance“

А1 Македонија ја дополнува понудата со услуги за помош во домот во соработка со „ORYX Assistance“