Добивај вести на Viber
Полицијата го објави идентитетот на параглајдеристот кој вчера несреќно загина кај Љубаништа. Станува збор за 39-годишниот Г.Ш.И. од Унгарија, а како причина за несреќата се наведува техничка неисправност на леталото.
Поради оштетено платно на параглајдерот, тој паднал во водите на Охридското Езеро на околу 50-тина метри од брегот. Пред да дојде лекарскиот тим, параглајдеристот давал знаци на живот, бил при свест, а потоа паднал во безсознание. Тој имал слаб пулс и отежаното дишење, но и покрај напорите на Брзата медицинска помош, починал, стои во информацијата на охридската полиција.
Но, за настанот вчера различни верзии имаа спасувачите на Црвениот крст, кои први стигнале до повредениот и Брзата помош. Според првите, интервенцијата на лекарите кои доаѓале од хотелот Славија била бавна, со што се загубило драгоцено време за да се спаси човечки живот. Лекарите пак тврдеа дека навремено интервенирале, но не можело да се стори повеќе.
Настанот уште еднаш го отвори прашањето за безбедноста на охридските плажи, кои во екот на туристичката сезона не располагаат со мобилни тимови за итна медицинска интервенција ниту пак со амбуланти во сите туристички места на крајбрежјето.
Претседателот на Црвениот крст во Охрид Сашо Точков вели дека медицински персонал има, но дека Охрид нема брзи пловни објекти или хиликоптер со кој ќе се стигне брзо при ризични ситуации. Нагласува дека на 30 км езерски брег недостасуваат и пунктови со итна медицинска помош.
„Ние апелираме да се размислува барем приближно да ги достигнеме критериумите и стандардите во западноевропските земји. Таму краен лимит со кој итната медицинска помош или останатите служби за интервенции максимално пристигнуваат е 12 или 15 минути. Тоа е она време каде секоја служба треба да интревенира при секоја несреќа“, вели Точков.
Во вчерашниот случај на екипата на Брзата помош да стигне до повредениот и беа потребни 20-тина минути.
Здравствениот дом во Охрид од утре ќе лоцира дисперзирана итна помош во Љубаништа која ќе функционира до 1 септември, дознава порталот
НОВА. Директорот на Здравствениот дом ја потврди оваа информација, иако негираше дека причината за оваа одлука е притисокот од јавноста кој што дојде по смртта на унгарскиот турист вчера во Љубаниште каде што се чекало повеќе од половина час да дојде екипа на брза помошо од центарот на Охрид.
„Можам само да ви речам дека оваа одлука не е поврзана со вчерашниот настан. Ние и претходно намерувавме да го направиме ова“, вели директорот Митко Дабевски.