Со системско решение за социјално претприемништво до #ОброкЗаСите
Објавено во: Мои пари 23 Март, 2018
„Оброк за сите“ е иновациски предизвик со кој се поттикнува создавање на иновативно решение за обезбедување на #ОброкЗаСите ранливи категории на лица и развивање на социјалното претприемништво во Македонија кое треба да придонесе кон зајакнување на солидарноста во општеството.
Фондот за иновации и технолошки развој и Министерство за труд и социјална политика, од денес 23 март до 21 мај го спроведува Јавниот повик за финансирање на проекти за социјално претприемништво „Предизвик за иновативно решение за обезбедување на #ОброкЗаСите“.
„Со развојот на социјалното претприемништо се обезбедува дополнителен опфат на социјалните сервиси и услуги и се отвораат нови можности за вработување, односно се креираат нови работни места. Затоа сметаме дека е исклучително важно да се обезбедат услови за одржливост на субјектите кои обезбедуваат услуги за специфични целни групи“ – изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.
Јавниот повик #ОброкЗаСите се однесува на сите микро, мали и
средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на
социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на
ова поле.
„#ОброкЗаСите цели
кон изнаоѓање на иновативно, системско и одржливо решение за обезбедување на
храна за лица и семејства со реална потреба од поддршка на заедницата. Со
решението ќе се овозможи вишокот храна од производителите на храна,
дистрибутерите, трговците, угостителските објекти и домаќинствата што би сакале
да бидат дел од оваа платформа, ефикасно да биде распределена и доставена до
одредени места каде социјално загрозени граѓани имаат пристап. Решението треба
да претставува модел на взаемна интеракција на сите учесници во системот.“ –
вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Вкупниот буџет за овој повик е 2 милиони денари.
#ОброкЗаСите ги поканува сите веќе постоечки иницијативи да се пријават и вклучат во повикот за да можеме заеднички да ја зајакнеме социјалната кохезија и да генерираме општествена вредност.