22 Април, 2018
0.0820

Правната хиерархија - основа за владеење на правото подеднакво за сите

Срамно е со посредници од надвор да се води дебата за примена на Уставот

Објавено во: Колумни 06 Февруари, 2018

Охридскиот рамковен договор ја одигра својата улога и ги постигна целите заради кои беше донесен. Најзначајното постигнување на Охридскиот рамковен договор беше отрезнувањето - дека нема и неможе да има воена разрешница на натрупаните општествени проблеми; дека проблемите треба да се решаваат со дијалог, во рамките на демократските институции на државата, со чесни намери и искрена желба да се изнајдат заеднички прифатливи решенија и конечно, ја апострофира неопходноста од реформи на вкупниот општествен, политички и економски систем, не затоа што тоа некој друг од нас го бара, туку заради нас самите и перспективите на демократскиот развој на земјата.

Охридскиот рамковен договор иако беше договор потпишан од претставниците на четирите најголеми политички партии од земјата, со посредство на меѓународниот фактор, во Собранието на Република Македонија беа донесени амандмани и тој стана дел од Уставот на земјата. Од тогаш, Охридскиот рамковен договор не постои, едноставно тој е дел од Уставот на Република Македонија, така што ступидно звучат прашањата и коментарите колку и до каде е имплементиран Охридскиот договор. Таквите коментари го ставаат тој договор над Уставот на Република Македонија, а суштински, тој е дел од него.

Ако има проблеми околу имплементацијата на Уставните одредби кои произлегуваат од тој договор, тогаш имаме проблем и сет нерешени прашања што се однесуваат на почитувањето на Уставот. Секое нагласување и повикување на Охридскиот рамковен договор, неосновано го прави позначаен од Уставот во нормативната правна хиерархија во Република Македонија, а не инкорпориран дел од врховниот правен акт во секоја држава - нејзиниот Устав.

Токму од овие причини, апел до оние што се декларираат како политичари, најнапред да ја научат нормативната хиерархија во Република Македонија и кога дискутираат за нерешени или отворени прашања, да користат и соодветна терминологија, а пред се да знаат дека Уставот е самиот врв во таа хиерархија.

Од тука, срамно е со олеснувачи или посредници од надвор да се води дебата за имплементацијата на Уставот на Република Македонија, што е основна задача пред се на законодавната и извршната власт. Тоа само по себе говори за демократскиот капацитет на институциите во државата, без разлика на причините заради кои Уставните одредби се или не се имплементирани во постконфликтните процеси во земјата.

Исто така, секој разумен човек знае дека Уставот треба да важи за сите подеднакво и тоа како интегрален правен акт, не само сепаратни делови од него, а тие што се повикуваат на делот од Уставот кој ги содржи одредбите од Охридскиот рамковен договор, во нивните настапи најмногу боде очи присутната иконографија, која без исклучок е без ниту еден симбол на државата од која се бара негово имплементирање. Некои или не знаат или забораваат дека во секоја организирана заедница постојат права кои произлегуваат од исполнетите обврски и споделените одговорности во заедницата. Каде се тука институциите на правната држава, зошто да се фрустрираат лојалните граѓани, не гледајќи ниту симбол ниту знаме на Република Македонија, во настапите на рамковно договорците. Се добива впечаток дека Република Македонија презела обврски кон друга држава, а не кон сопствените граѓани, без разлика на која етничка заедница припаѓаат.

Во таа смисла, Уставот нужно мора да понуди шанса на секој граѓанин во државата, но под еднакви услови, каде што предноста ќе ја имаат стручните, компетентните и професионално посветените. Да, во Република Македонија е познат принципот на позитивна дискриминација, но тоа треба да биде исклучок, а не правило, особено не кога се во прашање работни места, позиции или функции за кои се бара висок степен на стручност, компетентност, интегритет, професионален однос и посветеност, позиции од чии одлуки зависи иднината, зависат многу човечки судбини. Тие позиции треба да ги добијат најдобрите кадри, луѓе со интегритет, без разлика на нивната национална, верска, полова и партиска припадност и без разлика на социјалниот статус.

Лично немам ништо против тоа претседател на Државата, на Владата, на Собранието, ако сакате сите тројца да бидат припадници на која било етничка заедница во земјава, но се што ќе работат, да го чинат за просперитетот на Република Македонија, под нејзиното знаме, симболите и интересите на сите граѓани, а не да се кријат и мотивираат зад симболите на својот етникум и да ги фаворизираат интересите само на својата заедница.

За крај, само уште нешто, станува збор за процеси, не за нешто што се решава со административни решенија. Тие процеси бараат правна рамка, креирање општествена клима и амбиент, гаранција за успех и одржливост на тие процеси. Одговорноста за сето тоа, несомнено е во законодавната и извршната власт.

Треба итно да се престане со практиката на штанцање закони во скратена постапка, без анализа за потребата од нив, без проверка на нивната компатибилност со етаблираниот правен систем, без јавна дебата, особено на стручната јавност, како што треба да се престане и со менувањето на постојните законски решенија без да им се даде шанса низ практиката да бидат проверени.

Доста е од четворките кои надвор од институционалниот поредок неможат да се усогласат по мноштво прашања од национален интерес и функционираат како рогови во вреќа, доста е се некој од надвор да ги држи за раце и на листови да им ги црта нивните обврски. Република Македонија е унитарна држава, со граѓански концепт на својот Устав, со закони кои ги даваат и гарантираат човековите слободи и права на секој нејзин граѓанин, но очигледна е институционалната неспособност соодветно да се споделат правата, обврските и одговорностите за демократскиот развој и почитување на правата честа и достоинството на сите етнички заедници во државата.

Затоа не смее да се заборави на правната нормативна хиерархија, која е почетната буква и основата во сферата на владеењето на правото подеднакво за сите.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Каде беше ВМРО ДПМНЕ да им понуди алтернатива на младите додека беше на власт?

Каде беше ВМРО ДПМНЕ да им понуди алтернатива на младите додека беше на власт?

Дали и треба на Украина уште и верска војна?

Дали и треба на Украина уште и верска војна?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост