Србија ќе ги затвори продавниците во недела?
Објавено во: Балкан 15 Март, 2017
Неделата би можела да стане неработен ден за трговците во Србија.
Ова ќе се случи ако надлежните ја прифатат иницијативата на Самостојниот синдикат за трговија со закон да се регулира забраната за работа на тој ден.
Иако за вработените ова би значело големо олеснување, економските пресметки покажуваат дека оваа мерка би го намалил бројот на работници во овој сектор за околу 8%, а државата би загубила голем дел од финансискиот колач од ДДВ, пишува „Вечерње новости“.
Во продавниците во земјата работат од 190.000 до 200.000 вработени, од кои повеќето жени. Нивните плати се пониски од републичкиот просек и изнесуваат околу 29.000 динари. Магационерите, касиерите и излагачите на стока земаат околу 23.000 динари, а вработените во малите бакалници земаат уште помалку, а најчесто и не се пријавени, пишува „Вечерње новости“.
Обидите на хрватскиот Каритас и Фрањевскиот институт за култура на мирот од Сплит ги осуети Уставниот суд на Хрватска во 2009 година, кога ја укина забраната за работа во недела.
Словенците со силни синдикати на референдум се изборија да се работи само 10 недели во текот на годината, а останатите да бидат слободни.
Со закон донесен во 2015 година, во Унгарија се забранува работа на продавниците во недела, освен на оние кои имаат до 200 квадратни метри, семејни продавници во кои работат сопствениците или нивни блиски, аптеки, бензински, продавници на аеродромите, железничките и автобуските станици и локални пазари.