Србија ќе го „избрише“ името Македонија ако земјава го поддржи Косово за УНЕСКО?
Објавено во: Балкан 15 Декември, 2017
Ако Скопје ја поддржи Приштина во меѓунариодните институции, можна е промена на одлуката за признавање на Македонија под уставното име, пишува „Вечерње новости".
Премиерот Зоран Заев неодамна во Приштина изјави дека Македонија ќе гласа за членството на Косово во УНЕСКО. Ако тоа се оствари, пишува весникот, Србија подготвува радикални контра мерки. Како што Македонија ќе се постави во однос на нашите национални интереси, така и ние ќе се однесуваме кон нивните, се наведува во написот во „Вечерње новости“.
Прашањето за членство во УНЕСКО Приштина ќе може пак да го отвори за две години.
„Заев пред еден месец во Белград, на средбите со државниот врв на Србија, се 'заколни' дека 'Србија во Македонија има искрен пријател'.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ најновата изјава на Заев ја оцени како уште еден доказ за лицемерието на македонскиот премиер и на политиката на власта во Македонија. Ние на тие пораки знаеме како ќе одговориме, изјави Дачиќ.